Промоција: Возила и специјализирана опрема за спасување во зимски услови во прекуграничниот регион околу Охридското Езеро

Фото: mia.mk

Специјализирана опрема за спасување во зимски услови и возила добија Црвен крст – Охрид, општините Дебрца и Грамш и алпинистичкиот клуб „Патагонија” преку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам” финансиран од Европската Унија (ЕУ) преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија.

Целта на проектот, според министерот Милевски, е промоција на социо-економскиот развој на охридско-преспанскиот прекуграничен регион преку одржлив развој на туризмот, со особено внимание за создавање на деловни можности за урбаните и за руралните области, како и понуда на различни туристички пакети и промоција на високи стандарди за безбедност во туризмот.

– Целта е да се прошири туристичката сезона преку цела година, како и да се обезбеди поизбалансиран и инклузивен развој на поширокиот прекуграничен регион околу Охридското Езеро со приближување на општините Дебрца и Грамш кон Охрид и Поградец, истакна Милевски.

Имплементација, нагласи тој, почна на 1 ноември во 2019 година и ќе се спроведува три години, а вкупниот буџет на проектот изнесува 692.000 евра од кои 588.200 евра се грант од ЕУ, а останатите средства се обезбедени со кофинансирање од страна на споменатите партнери.

– Ова е продолжување на претходно реализираниот проект „Регионот Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам”, со вкупен буџет од 415.000 евра, со кој се воспоставија две спасителни служби: служба за спасување на вода во Поградец, Албанија и служба за спасување на планина во Охрид. Беше набавена опрема за овие служби и се организираа обуки за спасување на вода во Поградец и за спасување на планина во Охрид. Се изгради и современ оперативен и тренинг центар за Планинската спасителна служба во Охрид, рече Милевски.

Во досегашните активности на овој проект, амбасадорот на ЕУ посочи дека е обележана прекугранична планинарска патека од планинарскиот дом во селото Брежани, општина Дебрца до општина Грамш, реконструирано е старото училиште во општина Дебрца и во тек е негова пренамена во планинарски дом, направен е авантуристички парк во близина на планинарскиот дом на Галичица, како и пречистителна станица за планинарскиот дом. Исто така, поставен е мониторинг систем за посетители во националниот парк „Галичица”.

– Тука сме да ги поддржиме сите проекти што се важни преку прекуграничната програма. Проектот има за цел Охрид да биде сигурна дестинација и да биде етаблиран како туристичка дестинација, особено во планинскиот предел од двете страни. Затоа, Црвен крст ја има клучната улога за во секој момент на некаква опасност од страна на туристот да можат да го спасат, рече Гир.

Точков рече дека се остварува сонот за модерен оперативен центар во кој ќе работи и делува оперативното-спасувачка служба со воспоставен ефикасен систем и стандарди за спасување на планина и непристапни терени.

– Клучот нивен е на европските врати, ги отвораат европските стандарди и вредности, затоа во иднина очекуваме општините целосно да соработуваат и да даваат поддршка за комплетна одржливост на Црвениот крст, нагласи Точков.

Преку проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам” планирано е развивање на промотивни материјали: водич, мапи, мобилна апликација и веб страна, набавени се возила за зголемување на капацитетите на општините со цел поддршка на ново поставената инфраструктура, како и теренски возила и опрема за спасување во зимски услови.

Планирана е набавка и на специјализирана опрема за спасување за потребите на хеликоптерската единица при МВР, обука на спасувачи на планина во Албанија според стандардите на ICAR (International Commission for Alpine Rescue), обука на спасувачите од Планинската спасителна служба за употреба на опремата за спасување во зимски услови и креирање на работна група за олеснување на прекуграничните процедури во случај на интервенција на Планинската спасителна служба на територијата на Албанија.

Општини, граѓански организации, бизнис асоцијации, универзитети, училишта, јавни установи и институции од двете соседни земји, преку соработка да креираат издржани проекти со кои ќе аплицираат за третиот повик, најдоцна до 15 февруари, за кој се обезбедени 4.930.000 милиони евра од ИПА 2 Програмата за прекугранична соработка на ЕУ. Одобрените проекти, што ќе се имплементираат на територијата на нашата држава ќе ги кофинанисира Министерството за локална самоуправа, во висина од 15 отсто од признаените трошоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот