Промоција на романот „Снегулки“

Денеска во 19:30 часот во Јавна соба ќе биде промовиран романот „Снегулки“ на издавачкиот центар „Три“, во рамките на фестивалот „Европски приказни“. На промоцијата ќе биде присутна и авторката Калија Пападакикоја работи и како сценарист и професионален продуцент. Нејзините раскази и песни се вклучени во светските антологии и литературни списанија. Уште со првата збирка раскази „Шум во заднината“ ја освои Наградата за нови писатели на литературниот весник „Дијавазо“. Третата нејзина книга, романот „Снегулки“ (2015), беше избран за најдобар роман од списанието „Анагностис“ и ја доби Наградата за млад автор од грчкиот литературен весник „Клепсидра“. Овој роман во 2017 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија.

Романот „Снегулки“ е книга за копнежот, потребата на човекот да припаѓа некаде и покрај личните и колективните кризи, приказна за имиграцијата и потрагата по американскиот сон. Дејството на романот се одвива во кризните 80-ти години, во Камден, Њу Џерси, во заедница на емигранти кои обидувајќи се да се вклопат во новиот живот, не можат да се ослободат ниту од корените на старите семејни стебла и од спомените на родните места. На тој начин, романот станува и потрага по идентитетот на човекот фрлен во еден нов, туѓ свет.

На истата локација во 17:30 часот ќе се одржи и предавање на тема „Размилување за преведувањето со проф. д-р Ирина Бабамова. Тргнувајќи од мислата на Умберто Еко: Преведувањето е јазикот на Европа, проф. д-р Бабамова од Катедрата за романски јазици и книжевности и Катедрата за преведување и толкување при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, ќе се осврне на преведувањето од аспект на преведувачката теорија и практиката. Почнувајќи од француските и франкофонските теориски пристапи за преведувањето, преку најинтригантните ставови на познати дејци од областа на јазикот, книжевноста и семиотиката, проф. Бабамова особено внимание ќе посвети на практичните пристапи кон преведувањето и преведувачките решенија од областа на книжевниот превод – неисцрпна тема која секогаш отвора многу прашања за размислување.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот