Промоцијата на романот „На дофат“ од Ена Катарина Халер ќе се одржи во „Буква“

Во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, на 10 август, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на романот „На дофат“ од хрватската авторка Ена Каратина Халер. Романот е во издание „ПНВ Публикации“, а од хрватски јазик го преведе Сашо Огненовски, кој воедно ќе биде и промотор на книгата. Настанот ќе го модерира Јулијана Величковска.

Романот „На дофат“ е добитник на наградите „Ксавер Шандор Ѓалски“ и „Иван Јосип Козарац“, а во 2020 г. беше и во финалето за книжевните награди на „Т-портал“ и „Фран Галовиќ“. Македонското издание на романот е поддржано од Министерството за култура и медиуми на Р. Хрватска.

Ена Катарина Халер (Осијек, 1996) е хрватска писателка и архитектка. Завршила природно-математичка гимназија во својот роден град, а во моментов работи на својот дипломски труд на Архитектонскиот факултет во Загреб.

Со нејзината прва книга, романот „На дофат“, веднаш го привлече вниманието на книжевната критика. Халер пишува и книжевни критики, а освен со пишување и со проектирање, се занимава и со фотографија, со шиење и со планинарење.

Рецензија за нејзиниот роман, меѓу другите, напиша Златко Крамариќ, хрватски писател и книжевен критичар, но и поранешен амбасадор на Хрватска во Македонија.

– „На дофат“ е првиот современ литературен текст што со јасен женски глас и со документарно-фиктивна проза раскажува вистинска приказна за контроверзните настани од поновата хрватска историја. Реалистично и со чести лирски моменти, романот убедливо го отсликува селскиот живот на Бановина, што луѓето од тој крај се обидуваат да го водат и во длабоко трагичните околности на Втората светска војна. А потоа кадарот од нивното најблиско соседство се шири на целото место Зрин, топоним дотогаш познат само како седиште на благородниците Шубиќ Зрински, додека во епизоди ја оживува и салонската атмосфера на воениот Загреб.

Ена Катарина Халер во нејзиниот прв роман пишува за воената траума на неколку генерации, самоуверено, без политизација, патос и текстуални вишоци. Нејзиниот просторно и временски развлечен и, со својот опсег и тема, голем роман за војната и злото што на различни начини влегува во нашиот свет е, во суштина, многу лична приказна за растењето и за две генерации мудри жени.

„На дофат“ е трогателен, исповеден текст, милостив и исцелителен, што поттикнува на размислување, отвора рани, но за возврат нуди утеха, дури и лек. Романот е автентичен документ за руралниот живот во областа Банија за време на постојаната алтернација на војните и повоениот период. Ена Катарина Халер, со својата умешна литераризација, го усложнила до моќен антивоен роман.

Звучи неверојатно дека една толку млада личност, во своите дваесетти години, напишала еден толку мудар роман, „без политизација, патос и текстуални вишоци“, како што тоа рецензентите на овој роман веќе го воочиле и пред мене. Имено, мислам дека авторката оваа голема приказна за Историјата/Политиката им ја спротивставила на малите приказни и случки на поединците, на нивните животни истории што често се и хистерии, на нивните интимни желби, нивните обични, секојдневни, „мали“, но само нивни, еднократни и неповторливи животи.

Во романот „На дофат“ тие мали, поединечни приказни се ставени во релација наспроти големата приказна на Историјата/Политиката. И токму тие мали приказни, скици од секојдневниот живот на најдобар можен начин ги деконструираат оние големите, историски приказни – напиша Златко Крамариќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот