Промоцијата на книгата за деца „Ведра“ од Јулијана Величковска место во МКЦ ќе се одржи во КИЦ

Најавената промоција на книгата за деца „Ведра“ од Јулијана Величковска, илустрирана од Марио Каев, која ќе се одржи на 28 јануари, во 18.30 часот, наместо во Детскиот креативен центар при МКЦ ќе се одржи во Културно-информативен центар – Скопје. Промотор на книгата ќе биде Весна Мојсова-Чепишевска, а промоцијата ќе биде проследена со музика од Јован Јовановски.

Авторката Јулијана Величковска е писател, уредник и преведувач. Досега објавила две стихозбирки и еден роман, а „Ведра“ е нејзина прва книга за деца.

– „Ведра“ е приказна што си игра со архетипите, влегува длабоко и таму буричка, менува, поправа, разместува, отклучува. Го има оддалечувањето од домот, ги има опозициите добро – зло, светло – темно, блиску – далеку, но има и изненадувања, кои самите ќе ги откриете кога ќе ја прочитате. „Ведра“ ги има главните карактеристики на литературата за деца: директно му се обраќа на детето, ненаметливо го подучува, нежно влегува во неговиот несвесен свет и таму менува колективни знаења што не се нужно точни; покрај тоа, духовита е, и приказната и илустрациите. Децата ќе ја обожаваат. И, како и секоја добра приказна за деца, ова не е само приказна за деца, туку е приказна за секого – напиша рецензентот Ѓоко Здравески.

Јулијана Величковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Таа е член на организацискиот одбор на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ – Охрид. Член е на Друштвото на писателите на Македонија. Основач е на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ од Скопје, и коосновач и директор е на „Скопскиот поетски фестивал“.

Автор е на монографијата „XX години Поетска ноќ во Велестово“ (2009, ПНВ); стихозбирките „Комарци“ (2010, ПНВ) и „Отворена книга“ (2017, „ПНВ Публикации“); романот „Годишни времиња“ (2014; 2015; 2017, „ПНВ Публикации“), и на книгата за деца „Ведра“, илустрирана од Марио Каев (2022, „ПНВ Публикации“), како и на повеќе од дваесет и пет книжевни преводи од англиски, руски, хрватски и црногорски јазик.

Нејзините песни се препеани и објавени на дваесетина светски јазици. Застапена е во неколку антологии на македонската современа поезија издадени во Македонија, во Србија, во Чешка, во Грција, во Италија и во Колумбија, во две антологиии на современата светска поезија, едната издадена во Кина, а другата во Албанија, како и во три антологии на куси раскази, објавени во Македонија.

Нејзиниот роман „Годишни времиња“ беше објавен и на бугарски јазик во превод на Поли Муканова од страна на издавачот „Ерго“ од Софија во 2017 година.

Видео на денот