Промоција на биографска книга за поранешниот пратеник Томислав Стојановски-Бомбај

Биографска книга за некогашниот пратеник во Собранието и претседател на Демократската партија на Македонија, Томислав Стојановски-Бомбај, кој почина лани во март, ќе биде промовирана во четврток, на 9 февруари. Книгата насловена „Сеќавања на еден енергичен и исполнет живот“ ја подготвија ќерката на Стојановски, Марија, и неговата сопруга Вера.
-Книгата е компилација на неговиот живот и на животните случувања околу нас, а изобилува со сериозен фонд на фотографии, медиумски написи и стенограми, велат од семејството на некогашниот истакнат политичар, педагог и општествен работник.
Томислав Стојановски-Бомбај е роден 1940 година во Тетово, а завршил Машински факултет. Беше основач и претседател на Демократската партија на Македонија (ДПМ), а беше избран за пратеник од редовите на ДПМ на изборите во 1994 година.
Во Тетово Стојановски беше познат и како долгогодишен директор на Средното земјоделско училиште „Моша Пијаде“ во Тетово. Бил и директор на енергетското одржување на некогашниот текстилен гигант „Тетекс“. Откако се пензионираше, Стојановски го основа Тетовскиот фолк-фестивал што се одржуваше во манастирскиот комплекс во селото Лешок.
На Бомбај постхумно му беше доделено признанието на Општина Тетово „19 ноември“ за животно дело во областа на општествениот развој.