Промоција на 12 реобјавени дела на писателката Оливера Николова: Пишувањето стана мој ориентир во животот

Емотивна, но и освестувачка вечер за тежината на книжевното творештво на писателката Оливера Николова се случи на 30 март во фоајето на Националната опера и балет.

Издавачката куќа „Арс ламина“ промовираше капитален проект, со кој во десет тома реобјави 12 книги за возрасни од Оливера Николова. Книгите, објавени под импринтот „Арс либрис“, се дел од едицијата „Македонски книжевни класици“. Тие се во ново руво и со нови поговори од значајни македонски професори, книжевници и писатели.

Уредничка на едицијата е Оливера Ќорвезироска, која многу внимателно го направила изборот на авторите на поговорите за секоја книга одделно и на многу симпатичен и духовит начин ги повикуваше учесниците на промоцијата да ги искажат своите ставови за делата и личноста на Оливера Николова. Таа објасни дека едицијата не е правена според хронолошкото излегување на романите, туку по естетски вредносни критериуми што биле примарни за реобјавата на делата.

Речиси сите промотори искажаа свои лични импресии за личноста и делата на Оливера Николова / Фотографија: Маја Аргакијева

Во публиката имаше познати личности од културната фела, а како автори на поговорите зборуваа Јелена Лужина (за делото „Збогум Вано, Ванке…“), Никола Гелевски (за „Белиот чад“), Гоце Смилевски (за „Пешаци по црни полиња“), Катица Ќулавкова (за „Вежби за Ибн Пајко“), Румена Бужаровска (за „Куќичка“), Елизабета Баковска (за „Куклите на Росица“), Владимир Мартиновски (за „Тромбот“), Калина Малеска (за „Адамовото ребро“) и Владимир Јанковски ( за расказите од „Лева комора“). Поради отсуството од државата, видеообраќање имаа Кица Колбе (поговор кон „Тесна врата“) и Давор Стојановски (за „Песот со тажен поглед“). Модератор на целиот настан беше уредничката на едицијата, Оливера Ќорвезироска, која го напиша и поговорот за „Кадифената покривка“.

Писателката Оливера Николова со голема возбуда и внимание ги проследи промоторите на нејзините дела / Фотографија: Маја Аргакијева

Учесниците на промоцијата имале можност да изберат да го прочитаат својот поговор кон зададеното дело или да искажат свои мисли за личноста, личните средби или творештвото на Оливера Николова. Речиси сите ја избраа втората опција. Тоа беше можност да се слушнат интересни детали од различни периоди во животот и на промоторите и на промовираната авторка.

Повеќепати во текот на вечерта можеше да се слушне дека Оливера Николова е „мајка на сите македонски писателки“. Промоторите зборуваа и за подвигот да се одржи континуитет во пишувањето во текот на целиот живот, бидејќи пишувањето е напорна, тешка и макотрпна работа; за скромноста при чинот на создавањето, но и за скромноста на авторката што е прелеана во секојдневниот живот; некои потсетија дека вечерта е посветена на жив класик што е меѓу нас, но и за загатките и енигмите во делата на Николова; други акцентираа дека авторката целиот живот го одржувала женскиот наратив, но и дека најдобрата книжевност нема само лична, туку и поширока општествена димензија, бидејќи во делата на Николова маргинализираните ликови добиваат глас.

Оливера Николова и Оливера Ќорвезироска / Фотографија: Маја Аргакијева

Видно возбудена од гласно искажаните пофалби, писателката Оливера Николова на крајот од промоцијата пред присутните го прочита своето писание посветено на вечерта.

– Многу би сакала да верувам дека го заслужувам овој момент. Ова што се случува овде. Верувајте ми, тоа е едно чувство со кое се борам вечерва. Но, знам и дека одговорот треба да се остави на времето. Тоа го знам со сигурност. Ви благодарам што сте тука. Тука сте поради моите книги од кои, некои, сум ги пишувала речиси пред половина век.

Благодарам и на повишениот тон на пофалбите во искажувањата со кои бев наградена. Благодарам, посебно, на „Арс ламина“ која ми овозможи ретка среќа да ги видам моите дела за возрасни заедно, во вакво убаво издание. Гест што, во суштината, претставува можност за преоценка од една нова генерација на она што сум го создала. Не можам, притоа, исто така да не речам дека му благодарам и на самото пишување за многу важни заеднички споделувања во мојот живот.

Во пишувањето влегов не само млада, туку и несвесна за сопствената незрелост. Зоки Поки е плод на мојата невиност – невиност без сознание за стапиците на зборовите – а тоа што следуваше потоа, пишување не само со интуиција и спонтаност, туку и со подготовка и со одговорност за тоа што го пренесувам – да кажам тежок збор – ме очовечи. Го прошири и го збогати до невидени размери моето битие, извлекувајќи ги на виделина неговите скриени потенцијали и творечки неспокојства.

Пишувањето стана, можам да речам, мој ориентир во животот. И тоа е тежок збор, но кажан со голема одговорност. Ориентир. Тоа ми овозможи да ги запознам луѓето однатре, за да знам како да ги опишам, а притоа, можеби и поважно, како да научам и да живеам со нив во реалноста, како да ги прифатам, да ги оправдам, да ги засакам. Ука што во најраната младост, секако, ми недостигаше потполно, а која се покажа дека ми е недоволна за личностите за кои пишував и кои морав длабоко да ги запознаам пред да пишувам за нив.

Како за која нова книга се определував, како се ширеше и моето тематско интересирање, така се ширеше и опсегот на моите познавања од животот, неговата многустраност. А потоа и моето однесување меѓу луѓето. Така пополека ја освојував сопствената зрелост, со тоа и сигурноста и дилемите на новата возраст, но и сигурноста меѓу зборовите што ги искажуваат нашите мисли.

Се разбира, им благодарам и на моите долги години што ми дадоа шанса за поправање на грешките. Тежината на годините, за чудо, умее фиктивното за кое е бескрајно способна, да го насочи и да го оплоди во богати полиња продуктивни во секоја поинаква смисла од појдовната. Многу сакам, гледате, овие зборови да не се однесуваат само за моите дела, туку и за мене. И многу сакам да верувам дека постои шанса да го засакате тоа што сум го создала и во моите искуства да пронајдете одговори и за себе – истакна Оливера Николова.

Групен спомен на Оливера Николова и промоторите на нејзините книги / Фотографија: Маја Аргакијева

Оливера Николова е раскажувачка, романсиерка и драмска писателка родена во Скопје во 1936 година. Се школувала во Струга и во Велес, а дипломирала на Филолошкиот факултет, група Југословенска книжевност, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела како драматург-уредник во емисиите за деца и во драмските програми за возрасни на Радио и на ТВ Скопје.

Пишува за деца и за возрасни. Има објавено десет романи и три збирки раскази за возрасни, 17 книги за деца и сликовници, меѓу кои: „Зоки Поки“, „Девојките на Марко“, „Мојот звук“ и други, како и многубројни театарски, телевизиски и радиоигри.

За својата работа има освоено многубројни награди, меѓу кои: Наградата на РТВ Скопје и СВП во 1966, 1975 и во 1978 година, наградата „Младо поколение“ (1978), „Змаева награда“ (1983 г.), наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија во 1983, 1998 и 2015, „Рациново признание“ за „Адамовото ребро“ во 2000 г., Роман на годината на „Утрински весник“ за 2004 г. за „Куклите на Росица“, роман на годината на Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 г. за „Песот со тажен поглед“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 123, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 2-3 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот