Прометеи на слободата

Фото: Архива

Големите мајстори на најпрепредените и најгрозните масовни злосторства низ морбидната историја на човештвото, денес лажно се претставуваат како борци за слобода и правда, а како такви жнеат и најмногу медиумско внимание. Секако, тоа го можат, затоа што ги поседуваат речиси сите електронски и пишани медиуми на глобално ниво.

Оттука, сите секојдневно сведочиме како пред наши очи се дроби човечкиот разум и се претвора во безлична каша во современите медиумски компресори на умот и совеста, додека низ светот масовните гробници се прелеваат со вар, реките црвенеат од човечка крв, а амазонските шуми се палат за да се размножува капиталот.

Сè уште, маса од прости и глупави клирици го пропагираат учењето за „боженското потекло“ на човекот, игнорирајќи и негирајќи го Дарвин и сета наука, а заедно со своите уште поглупави верници и следбеници, дури и во време на долготрајна пандемија, преку идиотските верски обреди го загрозуваат општото здравје и човечките животи. И, ако некој, случајно или намерно, ги доведе под прашање нивните блесави догми и уште поблесави религиозни пракси, жестоко се нафрлаат врз него и го дискредитираат преку инвекти и клетви.

Масовен страв

Човечкото достоинство се изобличило под притисокот на модерното робовладетелство и луѓето, сè повеќе, во еден инволутивен процес, се претвораат, или во крвожедни горила, или во безмозочни магариња, а оние, помалкубројни, кои останале при здрав разум, па уште и собрале храброст да се спротивстават на таквата состојба, веднаш од страна на илјадоглавите кербери на неправедниот општествено-економски систем, се прогласуваат за деструктивци, анархисти, еретици, комунисти, нихилисти, терористи… И се бара нивно тотално уништување. Затоа, во рамките на денешниве мејнстрим неолиберални псевдонаучни и христијански погледи на светот и животот, вистината и правдата – молчат.

Во сеопшта атмосфера на хистерична паника и масовен егзистенцијален страв, во сенките на глобалната неолиберална пропаганда, во ќелиите на тајните американски затвори низ цел свет и тамошните пискотници на измачуваните, во задушливите капиталистички фабрички и рударски погони каде се врши безмилосна експлоатација, значи, скоро, насекаде низ светот, на вистиноговорот и правдоговорот, се разбира, им се одземени сите можности да се материјализираат и чујат.

Тие умираат во „најдобриот од сите можни светови“ што денес ни го гради и обезбедува „демократот“ Вујко Сем и неговите, многубројни, сателитски држави, заедно со нивните безбројни „демократски ориентирани“ интелектуални инквизитори. Затоа, во ваквите самопрокламирани „најдемократски општества во историјата“, владее страв и самоцензура, а човекот е обезглавен и оглупавен до степен на немо говедо, та се плаши не само да зборува, туку и да мисли поинаку од неолибералните догми.

Свеста на човештвото

А сепак, наспроти сè: на крстопатот од вековите секогаш имало Прометеи кои се свеста и совеста на човештвото. Тие како блесок на грандиозен факел го осветлуваат правиот пат низ времето и ѕвездените мориња. Тоа се оние, познати од историјата, нескротливи слободарски личности, нурнати во чистотата на своите мисли и мотиви. Тоа се луѓе кои не сакаат да им веруваат на глобалните пропаганди и религиозни лаги, не сакаат да се покорат на „законите“ на сеопштата ропска условеност, луѓе кои дејствуваат со јуначка сила на својата волја и ум, против стварноста на своите животни околности во кои владее мракобесие. Низ нив прозборува нескротливата сила на човечката убавина, на човечкиот морал и човечката вистина, на сите оние нешта кои човекот го одвојуваат и разликуваат од човекојадецот.

Овие луѓе-прометеи се зафатиле со титантската задача да пристапат кон измена на животните услови, кон надвладување на наметнатите стравови, кон отстранување на гладот и колежите, и се обидувале и ќе се обидуваат да го преобразат сегашниот кучешки живот на апсолутно огромниот број од луѓето, во живот достоен за живеење. Тие се водат од мислата дека сегашниот неолиберален свет е криминална негација на хуманизмот, а дека, наспроти тоа, потребен е свет во кој човечкиот живот нема да биде експлоатиран, искористуван и жртвуван за туѓа среќа и задоволство, туку сите ќе живеат како рамноправни и слободни луѓе.

Затоа, овие Прометеи на слободата и на возвишената правдољубива свест и совест не само што ја заслужувале и ја заслужуваат почитта од сето човештво, туку треба да ја имаат и сета можна поддршка во нивната праведна и хуманистичка борба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот