Кој се плаши од промена на изборниот модел!

Фото: Борче Поповски/Слободен печат

Дилемата каков изборен модел е најсоодветен за нас е тема на дебати уште од деведесеттите години кога се одржаа и првите парламентарни избори во независна Македонија. Значи со децении наназад се заговараат промени на изборниот модел и на бројот на изборни единици, иако за не толку долга парламентарна изборна традиција Македонија ги проба речиси сите изборни модели. И пак не сите се задоволни. Едноставно таков идеален модел што би ги задоволил интересите на сите политички партии,не постои. Ниту пак секој од постојните модели е применлив кај нас, а уште помалку е корисен за функционирањето на државата. Едно е да имаш репрезентативен модел а друго, функционален.

Она што не е испробано досега во изборната пракса е моделoт -пропорционален модел со една изборна единица и отворени листи.

Овој модел се провлекува како идеја од почетокот на демократските избори, но никако да дојде на ред.
Едноставно сите го заговараат, никој не го сака.

Најгласни заговорници беа, или се, помалите политички партии и дел од политичките партии на помалите етнички заедници, со надеж дека на тој начин расфрланите низ државата нивни приврзаници ќе им овозможат барем еден до тројца пратенички мандати.

На тој начин фактички Македонија би била соодветно претставена во Собранието како израз на вољата на поголемиот број граѓани и на етничките заедници кои со постојниот модел не успеваат во тоа.

Но велам – беа, затоа што во меѓувреме во долгогодишната доминација на големите политички групации, дел од нив, дејствувајќи во коалиција се дефакторизираа како посебни политички субјекти и пред гласачкото тело почнаа да го губат својот претходен идеолошки профил.

На овој начин „големите“ и „малите“, сите заедно, влегоа во маѓепсан круг на внатре коалициско пазарање и докажување кој колку вреди.

Истакнувањето на „својата вредност“ до израз доаѓа особено пред изборите, во фазата на изготвување на изборните листи. Но тие вредности сега веќе не се засниваат на реална „пазарна“ моќ докажана со самостоен настап на последните парламентарни избори, туку на учинокот постигнат за и во време на заедничката политичка борба во текот на еден мандат.

„Вината“ за ваквата на некој начин подредена улога на помалите коалциски партнери не е толку кај нив, колку во „поголемиот брат“, кој благовремено ги апсорбирал кај себе за да си ја зголеми својата политичка моќ. Делот од „вината“ кај помалите е што со текот на времето се улежуваат во комотноста на коалицијата и „загарантираноста“ на пратеничките мандати, без при тоа да имаат обврска да трчаат сами во изборната кампања, што не е лесна и евтина работа.

Оттаму иако сега „сите“ се залагаат за една изборна единица, тешко е да се поверува дека баш сите и го сакаат тоа. Тоа е како една српска поговорка: „Тражим посао, али молим бога да га не наѓем“.

Притисокот кој сега се создава е повеќе кон воведување отоврени листи како повисок степен на демократизација на самите партии. И тој притисок повеќе доаѓа од експертите и од странците, зашто станува јасно дека само со демократизација на нашите „султан“ партии ќе се демократизира и целото општество.

Повеќе од јасно е дека ако се продолжи по старо, Македонија од „заробена држава“ полека и лесно се претвора во „заробено општество“ во трипартитна поделба на власта и институциите.

Несомнено дека за промена на изборниот модел е неужен политички консензус, но иницијативата се чини повторно ќе мора да ја преземе онаа партија која и се заложи да не ослободи од „заробената држава“, нудејќи „едно општество за сите“ или скратено во синтагмата „живот за сите“.

Ако не на овие, тогаш на некои идни парламентарни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот