Проклето опасно поведение

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Свесна дека секое изговарање на зборот „северна“ одзема барем илјада гласови од контото на владејачката партија, а секое одбивање да се изговори додава барем толку, опозицијата игра една пеколна игра.

Универзално правило е дека сите избори треба да бидат демократски и фер. „Демократски“ значи почитување на уставните и законските процедури, а „фер“ е нешто што е дел од нечија политичка култура. Владеjачката партија, оцената е едногласна, организираше демократски локални избори во првиот круг. Но, дали мисли некој дека е фер главна тема во дебатите да бидат Охридскиот, Преспанскиот, Договорот со Бугарија и правата на Албанците? Лично мислам дека е тоа „нефер“.

Признавам дека во однос на крајот на осумдесеттите, кога напишав текст за малите големи европски теми за тоа каков ни е квалитетот на живеењето, каква вода пиеме, каков воздух дишеме, како се грижиме за најмладите и за најстарите, направен е огромен чекор напред бидејќи за овие теми тогаш воопшто не се зборуваше. Но, кога се работи за нашата политичка култура, триесет години се малку за да ја променат.

Свесна дека секое изговарање на зборот „северна“ одзема барем илјада гласови од контото на владејачката партија, а секое одбивање да се изговори додава барем толку, опозицијата игра една пеколна игра. Нејзините поддржувачи кај интелигенцијата не кријат дека темата не е веќе водовод и канализација, туку „предавството“ кое го направил првиот човек на владата и на СДСМ. Утрово слушнав емисија во која водителот и двајцата соговорници, кои секој странски дописник би ги нарекол националисти, поведоа натпревар за оцрнување на „големата политика“ на СДСМ, која нема никаква врска со локалните избори. Тоа го нарекувам „нефер“ поведение.

Разлика помеѓу „големата“ и „малата“ политика постои во сите држави. Сигурно, постојат и злоупотреби. Но, кај нас е многу опасно да сме невнимателни. Голема политика е кога вознемирена амбасадорка на Белгија ќе ви каже дека никој не може да ги одгатне настаните врзани за вооружената група од Косово уфрлена во државата, но дека се свесни за опасноста и за можните последици. Овој настан со огромни човечки загуби, да се потсетиме, се случи во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Што напишавте во вашата депеша до министерството, ја прашав амбасадорката акредитирана во Скопје со седиште во Софија. Дека е потребна брза интервенција на Западот оти она што изгледа олкаво, и покажа десетина сантиметри со рацете, може бргу да прерасне во толкаво, и ги рашири рацете.

Безбедноста е првата грижа за секоја власт како и на секој човек поединечно. Проверивте сношти дали влезната врата е заклучена? Секако дека проверивте. Е, за безбедноста, за тоа „олкаво“ на амбасадорката на Белгија, за таа војна што не се случила, ви пишувам денес. Не знае никој. Зошто? Па, затоа што не се случила војната. А зошто не се случила? Затоа што некој платил цена за мирот. Не се случила затоа што по интервенција на Америка двајцата одговорни за безбедноста на земјата поднесоа оставки истиот ден. Не се случила затоа што по смената на власта, новата власт на СДСМ го реши деценискиот проблем со Грција и ја внесе Македонија, сега веќе Северна Македонија, во НАТО, каде што добивме осигурителна безбедносна полиса. Затоа што отпочна еден деликатен процес на внесување некаков ред во безбедносните служби преку издавање НАТО-сертификати за оние што учествуваат или влијаат врз носењето одлуки за војна и мир.

Опозицијата и интелектуалците со таква леснотија зборуваат за „големата“ политика (Охрид, Преспа, Бугарија, Албанците), небаре е исто со неизградениот „забавен парк“ во Скопје. Зарем толку не разбираат дека од таа „голема“ политика крвта треба да им се леди во жилите. Да се каже дека ваквото поведение на локалните избори е нефер е премалку. Ваквото поведение е проклето опасно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот