Производителите се снаоѓаат за месо за преработка, цените на саламите ќе растат

Profimedia

Во моментот сѐ уште нема нови цени на сувомесните производи, но дел од производителите веќе почнаа да набавуваат месо за преработка за кое плаќаат царина од 20 отсто. Од Групацијата за месна индустрија при СКМ, веќе најавија дека месните преработки, ќе поскапат од 20 до 40 отсто.

По велигденските празници, во месарниците нема нови ценовници, а трговците велат дека и актуелните цени на саламите се прескапи за македонските потрошувачи. Слободан Кутревски, прв извршен директор на месната индустрија „Пекабеско“, за „Слободен печат“ вели дека калкулациите за цените ги прави секој индивидуално, но ако не се дозволи бесцарински увоз, неминовни се поскапувања на овие производи. Според Кутревски, производителите би биле најсреќни да набавуваат домашно свинско месо за преработка, но капацитетот на домашните фарми обезбедува само свежо месо.

– Поради појава на свинската чума во повеќе делови на светот, цената на месото за преработка расте. Генерално најголем увоз на замрзнато свинско месо во земјава има од Шпанија, Германија, Данска, Холандија и сите се снаоѓаме како знаеме и умееме. Во моментот некои од производителите ги трошат последните количини од државната квота, а некои веќе почнаа да купуваат месо за преработка на берзите и за него да плаќаат царина од 20 отсто – објаснува Кутревски.

Во земјава има околу триесеттина современи производствени капацитети за преработка на месо и производство на сувомесни производи, чии капацитети во целост можат да ја задоволат побарувачката на домашниот пазар. Ним им конкурира бесцаринскиот увоз на готови производи од земјите со кои имаме билатерални договори (Србија и Црна Гора, Хрватска и БиХ), од кои годишно влегуваат по 1.900 тони сувомесни производи.

– Ако продолжи бесцаринскиот увоз на месо за преработка, тогаш ние можеме да се носиме со конкуренцијата и да правиме сопствени внатрешни пресметки. Во спротивно, ќе мора да одиме на поскапување, што не е добро ни за нас, а ни за потрошувачите – додава Кутревски.

На повтореното предупредување од домашните производители на сувомесни производи, како што веќе пишуваше „Слободен печат“, Министерството за економија одговори дека тие треба да си обезбедат соодветна долгорочна и стратешка соработка со одгледувачите на свињи, бидејќи државава не може во недоглед да дозволува бесцарински увоз на месо за преработка.

Последната владина Одлука за укинување на царинската стапка на замрзнато свинско месо е од 30 октомври лани, а е со важност од една година, односно до 30 октомври годинава (Службен весник на РСМ 258/2020). Месната индустрија ги користи последните количества од одобрената количина на замрзнато свинско месо од увоз без царина од 3.159.000 килограми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот