Програмскиот колегиум на МКЦ до Арсовска: Секое објавување информации додека трае ревизијата е незаконско и паушално

Младински културен центар/ФОТО: Слободен печат

По вчерашната прес конференција на градоначалничката Данела Арсовска, која изнесе низа обвиненија против доскорешниот в.д. директор на МКЦ, Ванчо Богоев и обвини за злоупотреби и неправилности во институцијата кои, како што рече, се сознанија од ревизијата која деновиве се спроведува во Младинскиот културен центар, денеска со свои одговори на обвинувањата на Арсовска излегоа од Програмскиот колегиум на МКЦ.

На денешната прес конференција тие и се заблагодарија на градоначалничката што, покрај сите обвинувања и прозивки, успеала и да ја пофали работата на МКЦ, што според нив говори дека таа сепак ги препознала заложбите што десеткуваниот тим на оваа институција го прави за развој на културата во Скопје, а посебно во делот на начинот како МКЦ успева да се справи и да менаџира една европска културна институција, со буџети и услови за работа како локален месен културен простор некаде во Европа.

Овие денови се тешки денови за МКЦ, но и за културата воопшто. Се случуваат разни клевети, невидени притисоци врз нас вработените, се дозволуваат паушални толкување на законите и правото, се креваат раменици и оградување од надлежности. Но, за нас се случува нешто најважно: младите во Скопје ја разбраа нашата заложба сиве овие години – да креираме еден европски простор, кој е нивни – и само нивни! Се менуваат власти, се менуваат и уредници, но центарот – како поле за нивно изразување и промовирање – останува само нивни. Максимално сме горди и благодарни што за разлика од некои други времиња, сега конечно сме на иста страна. Сакаме отворен, модерен и современ град! Сакаме закони, право и правичност. Сакаме да покажеме дека само школо, инвестирање и труд во себе е патот до посакуваниот успех – партискиот активизам е можеби за други, за нас непознати сфери – велат од Програмскиот колегиум.

Во однос на тврдењето на Арсовска дека не е точно дека на МКЦ му се скратени 90% од буџетот и дека  лани од основниот буџет на Град Скопје му биле доделени 10.7 милиони денари, а оваа 8.7 милиони денари, од МКЦ тврдат дека на располагање имаат еден документ, а тоа е дневниот ред од последната седница на Советот на Град Скопје,  каде е наведено дека  за 2023 година за програмата на МКЦ е предвидено да се доделат 4.500.000 денари, од кои  2.500.000 денари  за работата на градското кино, а останатите за сите други активности. Потоа, на седницата е донесен буџетот за култура  за 2023 година и средствата за МКЦ се дополнети со уште 2 000 000 денари, кои пак, како што велат им предизвикале дополнителна тежина и грижа на совест  затоа што се скратени  од средствата на одделниот конкурс за независни корисници – кој и онака е можеби најнискиот буџет за таа намена.

Арсовска вчера посочи и дека МКЦ мора и може да работи самоодржливо со капацитетите со кои располага, дури и без дотации/субвенции од градот, затоа што остварува сопствени приходи од над 33 милиони денари. Од Програмскиот колегиум велат дека МКЦ се труди да оствари и сопствени приходи, и да изнајде други начини на финансирање, но истакнуваат  дека сите овие дополнителни средства повторно се реинвестираат  во други настани и проекти, а исто така со нив се плаќа и за струја и парно, се кречи, се плаќаат дополнителни работници, се поправаат компјутери, се купува опрема, односно сето она што Град Скопје не им го обезбедува. Оттаму укажуваат и дека  новите одлуки на Град Скопје, каде што закупнините на простори се ограничуваат на една година, а евентуалните средства од нив ќе одат директно во Град Скопје, резултираат со незаинтересираност закуп.

Секое вакво размислување и презентирање кое наведува на комерцијализација на јавните културни институции, се коси со правото на култура. Секое пазарно и комерцијално насочување на културата, доведува до развој на шунд и естрадизација. Можеби некоја друга институција треба, но МКЦ ниту е создадена, ниту смее тоа да го прави. Градот и државата мора да внимаваат на ова, и конечно да разберат дека под култура се подразбира креативно, оригинално и авторско творење, никако рециклирање и репродуцирање на туѓи авторства – посочуваат од МКЦ.

 

За обвинувањата дека се склучени 250 договори за ангажирање луѓе од кои 90 со шанкери, од Програмскиот колегиум информираа дека МКЦ моментално има 50 вработени, иако за нормално функционирање потребни се над 70. Посочија дека Центарот постојано бара од Град Скопје нови  вработувања, па макар тоа било времено и преку Агенција за привремени вработувања, но таква согласност не добиле.

Што се однесува до бомбастичните наслови дека „шанкер зема 750 евра плата во МКЦ”, би сакале да појасниме дека во недостиг на редовен вработен персонал, за да оствариме сопствени приходи ќе се потпираме на сѐ уште расположливи надворешни млади луѓе, кои се останати во градот и сакаат да работат. Најчесто тоа се студенти, кои чесно работат за дневница, често и двојни смени, која на крај на месецот врз основа на сработеното им се исплаќа хонорар со платен данок, посочија од МКЦ.

На денешната прес конференција, од Програмскиот колегиум нагласија дека секое објавување  информации додека ревизијата е во тек е незаконско и паушално, па прашаа од каде е информацијата дека од главната благајна на МКЦ биле подигнати нешто над 100.000 евра во готовина, кои, како што посочи Арсовска биле извлекувани од сметката на институцијата без соодветна документација.

Дали ова е информација од тековната ревизија во МКЦ? Пред да одговориме на ова сакаме да укажеме на грубо кршење на законите и правилата на ревизорски надзор и извештај. Имено, ревизијата е нормална постапка и пракса за секоја институција. И ние истата максимално ја поддржуваме, а од нивните забелешки учиме и се корегираме. Но, досега правилата беа јасни: ревизијата по своето работење издава записник, на кој институцијата преку нејзините надлежните органи имаат законски рок да се произнесат и евентуално да појаснат и да дополнат пред таа да стане официјална. Ревизијата во МКЦ сѐ уште е во тек, и овие информации пласирани во јавноста се во најмала рака незаконски и во моментов паушални, посочија од Програмскиот колегиум на МКЦ.

Како што појаснија, во благајна за 2022 година се водат 6.232.388 денари, од кои 5.914.888 се уплати од дневен промет од работата на угостителската дејност на МКЦ (бифе/шанкови) кои преку благајна потоа се уплаќаат на сметката на ЈУ МКЦ, а само 317.500 денари се директни готовински материјални трошоци, кои преку цела 2022 година се користени готовински и се однесуваат за ситни набавки, поправки, патарини, сервисирања и сл, поткрепени со соодветна документација и сметки.

Во однос на забелешката на Арсовска дека од 40 вработени, 12 се поставени како директори, односно како раководители на раководни фунцкии и не раководат со никого, а земаат директорски односно раководни плати, од Програмскиот колегиум упатуваат до правните служби и правните советници во Град Скопје.

Тука би се обратиле до правните служби и правни советници во Град Скопје, да појаснат на своите претпоставени кои беа процедурите за трансформација постоечките работни места преку МИОА на работни места според Законот за јавна администрација и Законот за јавни службеници. Тоа беше процес, кој конкретно во нашата институција, поради природата и спецификата на работење и дејности кои ги опфаќа, траеше скоро четири години. Истите не би можело да се спроведат без одобрение по закон на надлежните институции и министерства за тоа. Секое вонзаконско толкување го разбираме само како лично дискредитирање на секој уредник посебно, наведуваат од Колегиумот.

На крајот тие порачаа надлежните да се однесуваат одговорно и побараа да се објави регуларен конкурс за директор на институцијата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот