Програмски содржини: Националната галерија ја прилагоди годишната програма

Активностите на Националната галерија на почетокот на 2020 година, како и кај сите светски музеи и галерии, беа базирани на пласирање интерактивни содржини на електронските медиуми и социјалните мрежи. Во услови на корона-кризата и стопирани културни настани, галеријата ги презентираше ремек-делата од својата колекција со различен тематски пристап.

Протоколот за работа на музеи, галерии и изложбени простори, донесен од Владата, треба да овозможи реализација на програмските содржини на Националната галерија предвидени за 2020 година. Програмата, секако, претрпи измени и прилагодена е на ситуацијата, со цел заштита на јавното здравје и одржување на задолжителната физичка дистанца.

Проект „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски

Програмскиот циклус на галеријата почна на 22 јуни со проектот „Пејзажни фасцинации 20“ на Атанас Атанасоски, инсталација во просторот на Чифте амам, која ќе се „гради“ и во текот на јули. Заради неможност за физичко присуство на публиката целиот процес на поставување на инсталацијата ќе биде прикажан на социјалните мрежи на Националната галерија.

Други програмски содржини што се планираат за 2020 година се ретроспективната изложба на Решат Амети, предвидена за септември/октомври во Даут пашиниот амам (куратор Горанчо Ѓорѓиевски); изложбата „Везење во камен“ на Моника Мотеска во објектот Чифте амам, предвиден за ноември со кураторство на виш кустос Ана Франговска; и јубилејната изложба по повод 90 години од раѓањето на Иван Велков, која е планирана за крајот на годината.

Делото „Еклектици“ (1965) од Иван Велков

Националната галерија објави и два конкурса. Првиот е наменет за двајца млади уметници (до 35 години), а вториот за зрел уметник (над 35 години) за реализација на проекти во периодот од октомври до декември во објектот Мала станица. Со оглед на ситуацијата, Националната галерија најави дека ги задржува сите права за измени и дополнување на програмските содржини.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 38, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 4-5 јули 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот