Професорот ја собори династијата Изетбеговиќ

Денис Беќировиќ/ Фото Nangka Press / AFP / Profimedia

Не е време за каква било еуфорија или за триумфализам. Сакам да се потсетам на сите обесправени и сиромашни луѓе во БиХ. Поради нив им порачувам на сите дека дури кога тие ќе слават, тогаш и ние ќе има што да славиме, изјави новиот бошњачки член на колективното претседателство

Денис Беќировиќ, професор по историја од Тузла, е првиот опозициски кандидат во Босна и Херцеговина на кого му успеало на избори да го победи Бакир Изетбеговиќ, кој главните функции во партијата СДА и во државата ги наследи од својот татко Алија, кој исто така не бил поразен на избори.

Беќировиќ (46) настапи како заеднички кандидат на неколку партии здружени во Единствениот бошњачки опозициски фронт и со голема разлика во гласови ги совлада противкандидатите Бакир Изетбеговиќ од СДА и Мирсад Хаџикадиќ од коалицијата Држава во трката за бошњачки претставник во колективното претседателство на БиХ.

– Победивме. Убедливо победивме и обединетата опозиција има член на претседателството на БиХ. Им благодарам на сите оние што гласаа за мене. Им благодарам и на оние што не гласаа. Сето тоа е дел од демократијата во БиХ – изјави Беќировиќ.

Тој ги повика граѓаните на единство, а Европската Унија „што е можно побрзо да ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина“.

– Не е време за каква било еуфорија или за триумфализам. Сакам да се потсетам на сите обесправени и сиромашни луѓе во БиХ. Поради нив им порачувам на сите дека дури кога тие ќе слават, тогаш и ние ќе има што да славиме – изјави Беќировиќ. Тој испрати порака и до регионот, истакнувајќи дека „каква било дестабилизација ќе го врати регионот во среден век“.

Изетбеговиќ го призна поразот и се пожали дека тоа е последица на наметнатите измени во Изборниот закон што „ја засилиле позицијата на Хрватската демократска заедница во БиХ“.

– Целиот проблем е во здружувањето што го охрабруваат странците – изјави Изетбеговиќ, но забележа дека СДА „остварила добар резултат, подобар отколку на претходните избори“.

Според нецелосните резултати од изборите, Беќировиќ освоил 57 отсто од гласовите, а Изетбеговиќ 38 отсто. Хрватски член во колективното претседателство на БиХ и понатаму ќе биде Жељко Комшиќ, кој како кандидат на Демократскиот фронт освоил 54 отсто од гласовите, совладувајќи ја Борјана Кришто од ХДЗ БиХ. Српски член, на позицијата на која досега беше Милорад Додик, ќе биде неговата сопартијка од Сојузот на независни социјалдемократи Жељка Цвијановиќ, која освоила 53 отсто од гласовите.

Додик без конкуренција

Додик очекува да се врати на претседателската функција во Република Српска, иако и неговата противкандидатка Јелена Тривиќ прогласи победа неколку часови по затворањето на гласачките места. Централната изборна комисија врз основа на 82 отсто од преброените гласови објави дека Додик освоил 48,8 отсто од гласовите и има предност од 30.399 гласа во однос на Тривиќ.

Граѓаните на Босна и Херцеговина завчера уфрлаа ливчиња во многу гласачки кутии. Освен за членови на Претседателството, тие гласаа и за претставници во Претставничкиот дом на Парламентот на Босна и Херцеговина, за пратеници во Претставничкиот дом на Федерацијата БиХ и за членови на собранијата на десет окрузи во Федерацијата. Во Република Српска, пак, се гласаше за претставници во Народното собрание, за претседател и за двајца потпретседатели. На ливчињата беа наведени имиња на повеќе од 7.200 кандидати од 90 партии и 38 коалиции, како и 17 независни кандидати.

Поради огромниот број различни ливчиња, нивното пребројување се одвива бавно. Врз основа на 62 отсто од гласовите, најмногу пратеници во Федерацијата БиХ ќе има СДА, која освоила 25 отсто од гласовите, пред ХДЗ БиХ со 19,4 отсто. Социјалдемократската партија на БиХ, чиј член е и Беќировиќ, освоила 12,4 отсто од гласовите, а движењето на чело со Комшиќ освоило 9,5 отсто.

Партијата на Додик ќе го задржи мнозинство во собранието на Република Српска. СНСД освоила 42 отсто од гласовите, пред Српската демократска партија со 19 отсто и Партијата на демократскиот напредок со 11 отсто.

Шмит наметна нови изборни правила

Но, најголемиот хаос го предизвика високиот претставник на меѓународната заедница Кристијан Шмит, кој токму на изборната ноќ објави промени на Уставот и наметна претходно ненајавени измени на изборниот закон поврзани со структурата и функционирањето на Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ и начинот на донесување одлуки, во корист на претставниците на хрватскиот ентитет.

– За судбината на оваа земја клучно е да нема повеќе блокада. Затоа наметнав мерки што ќе ја подобрат функционалноста на институциите во Федерацијата БиХ – соопшти канцеларијата на високиот претставник, со забелешка дека „одлуката не влијае врз спроведувањето на резултатите од изборите“.

Шмит објасни дека со својата одлука го зголемил бројот на претставници во федералниот Дом на народите, што овозможува „распределба на мандатите на таков начин што ќе ја поправи преголемата застапеност на секоја од трите конститутивни нации во некои окрузи“. За првпат во Домот на народите на Федерацијата на Босна и Херцеговина може да бидат претставени лица што не се декларираат како членови на конститутивните нации од сите жупании. Овие одлуки треба да спречат парализирање на Федерацијата Босна и Херцеговина по изборите.

Според измените наметнати од Шмит, федералниот Дом на народите ќе се состои од три пратенички групи на конститутивни нации, кои наместо досегашните 17 ќе имаат по 23 претставници, додека пратеничката група на претставниците на националните малцинства наместо 7 ќе има 11 претставници.

Квалификуваното мнозинство за номинирање претседател и потпретседател на Федерацијата Босна и Херцеговина ќе биде 11 наместо досегашните шест претставници од националните пратенички групи и на овој начин се дава очигледна предност на претставниците што доаѓаат од делови на Босна и Херцеговина со хрватско мнозинство. Ако некој предлог не биде прифатен од 11 пратеници, тогаш квалификуваното мнозинство од предлагачите ќе се сведе на седум, а потоа на четири пратеници. Претходното правило дека шестмина претставници сочинуваат квалификувано мнозинство за номинирање на носителот на извршната власт ја отвораше можноста хрватски претставници избрани во Домот на народот од листата на граѓански и бошњачки партии, исто така, да го добијат овој контролен пакет, што предизвикуваше големо незадоволство во партиите на етничките Хрвати.

Шмит истакна дека изборната реформа мора да продолжи и дека тој лично ќе учествува во неа.

– Ова не е и не може да биде широка реформа на изборниот закон што допрва треба да се спроведе – изјави Шмит.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот