Професор Попадиќ: Непотребно се крева паника околу вакцината на „Астра-Зенека“

Фото: EPA-EFE/Remko de Waal

Душан Попадиќ, професор по имунологија на Медицинскиот факултет во Белград, изјави дека околу „Астра-Зенека“ се крева непотребна паника, дека има многу мала инциденца кога станува збор за таа вакцина и дека се пријавени 160-170 тромбоемболиски случаи на 23 милиони луѓе, јави дописникот на МИА од Белград.

Професорот Попадиќ гостувајќи на ТВ Н1 изјави дека од околу 5.000 смртни случаи од коронавирус во Србија, најмалку 2.000 лица починале поради тромбоемболиски настани предизвикани од ковид-19.

Според него, кога бројот на нови случаи на коронавирус во Србија ќе биде двоцифрен, тоа ќе биде знак дека е постигнат колективен имунитет.

-Кога едно одделение на клиниката за инфективни болести ќе биде доволно за цел Белград, тогаш можеме да зборуваме за некое вистинско опуштање, изјави Попадиќ за ТВ Н1.

Тој додаде дека околу вакцината „Астра-Зенека“ „потполно непотребно се крева паника” и дека на граѓаните треба да им се испрати порака што побрзо да се вакцинираат.

Попадиќ додаде дека во Србија може да се очекуваат само два и пол несакани тромбоемболиски настани поврзани со вакцината„ Астра-Зенека“, со оглед на бројот пристигнатите дози во земјата, и ниту една од нив не треба да биде „катастрофална”.

Според него мерењето на антитела „нема никакво значење за една личност” и луѓето не треба да бидат оптоварени со тестови кои ги мерат антителата во крвта.

-Фактот дека во еден момент имаме или немаме антитела измерени со одреден тест, воопшто не значи дека, мерено со некој друг тест, ќе имаме или немаме антитела, порача тој.

На прашањето дали вакцинацијата треба да биде задолжителна за населението, или барем за медицинскиот персонал, Попадиќ одговори дека не знае зошто некој ќе мора да биде принуден „на нешто што очигледно носи корист”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот