Професор од Бугарија кој предава во Америка вели да не се плашиме – нема начин за „бугаризација“

Фото: Канал 5 / принтскрин

Професорот од Софија, Иван Динев Иванов, кој предава на Школата за јавни и меѓународни односи на Универзитет Синсинати во САД, вечерва во гостување на Канал 5 зборуваше за политичките случувања на релација Скопје-Софија-Брисел, како и за историските прашања кои претставуваат пречка во македонско-бугарските односи.

Тој рече дека жали за сите жртви кои ги предизвикала Бугарија во фашистичкиот период од нејзината историја.

„Јас жалам за секој еден човек кој е убиен во Македонија, а такви има и не само за тие кои се убиени во Македонија, туку и за тие кои се убиени во Грција во Драмското востание. Јас во мое име кажувам дека жалам за секој еден човек. Дајте сега да погледнеме со други очи, еден кон друг, и да продолжиме напред“, рече професорот Динев Иванов во емисијата „Само вистина“.

Обраќајќи им се на гледачите, тој рече дека нема начин да се спроведе таканаречената „бугаризација“.

„Не плашете се, браќа и сестри Македонци, нема начин да има бугаризација, ви гарантирам јас, нема такво нешто“, рече професорот.

Тој исто така порача „Македонците да си го чуваат идентитетот“, посочувајќи дека сака земјава со сочуван идентитет да стане членка на ЕУ, „да соработува со Бугарија градејќи инфраструктура, градејќи човечки односи, уривајќи ѕидови и градејќи мостови со Бугарија и со сите останати земји“.

Динев Иванов додаде дека дел од политичарите во Бугарија го злоупотребиле Договорот за добрососедство со Бугарија, искористувајќи го како изговор за ветото за почетокот на пристапните преговори на С. Македонија со Унијата.

„Грешки беа направени од бугарска страна. Има луѓе во политичката елита кои го искористија тоа за намерно да направат една срамота со ветото и тоа навистина создаде големи проблеми и голем негативизам. Денот кога ветото беше објавено, јас кажав дека „Бугарија сама на себе си стави вето“. Претседателот Радев греши и тоа го реков, дека Радев мораше да излезе и да каже дека не можеме да дозволиме антибугарски национализам во Македонија и тоа јас се согласувам, а со македонизмот јас немам проблем“, рече професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот