„Професионалците“ Чулев и Мизрахи не дојдоа на министерскиот прием кај Пендаровски

„Слободен печат“ го праша политикологот Петар Арсовски каква е пораката на ВМРО-ДПМНЕ со овој чин.

Една слика илјада зборови. И овојпат оваа народна поговорка се покажа вистинита. На фотографијата на министрите од новата Пржинска влада направена на приемот кај шефот на државата Стево Пендаровски откри дека на неа ги нема министрите избрани на предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Од кабинетот на Пендаровски веќе потврдија дека поканетите гости не дошле.

„Слободен печат“ го праша политикологот Петар Арсовски каква е пораката на ВМРО-ДПМНЕ со овој чин.

– Ова е политичка порака со која ВМРО-ДПМНЕ сака да каже дека учествува во техничката влада само како увертира кон нивниот мандат. Тие сакаат да пратат порака на конфронтација, а не на обединување. Сакаат да кажат дека ние не сме со СДСМ, туку учествуваме во техничка валда бидејќи така е предвидено со Пржинскиот договор. Едноставно сакаат да направат дистанца, вели политикологот Арсовски.

Тој посочува дека и првата Пржинска влада мандатот го поминала во меѓусебни обвинувања и контра обвинувања. Арсовски вели дека доправа ќе видиме како ќе се однесуваат кон двата најбитни предизици за Македонија, НАТО и ЕУ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски за „Слободен печат“ вели дека неговата партија смета дека средбата кај претседателот Пендаровски била несуштинска.

– Несуштинска средба, протоколарна и во корист на маркетингот на СДСМ. Министрите на ВМРО-ДПМНЕ се посветени на суштинско делување и работа, вели Стоилковски за „Слободен печат“.

На вчерашната собраниска седница за избор на техничката влада, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, за министрите за внатрешни и за труд, Наќе Чулев и Рахела Мизрахи рече:

– Според биографијата, работното искуство, според едукацијата кои ја имаат ќе се носат сами двајцата со цела влада, рече Димовски.

По изборот, техничкиот министер Чулев пак посочи дека приоритетна цел во наредниот период ќе биде организирање на фер и демократски избори.

– За таа цел ќе бидат превземени широк спектар на мерки и активности во насока на превенирање на евентуални обиди на криминални, насилни и други структури за нарушување на изборниот процес, рече Чулев.

Порака на својот „фејсбук“ напиша и министерката за труд Рашела Мизрахи.

– Да не заборавиме дека секој орган на државната управа, како дел од извршната власт, е основан за областите и подрачјата кои се од значење за ефикасно остварување на правата и должностите на граѓаните и правните лица, напиша Мизрахи на својот профил.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера од собраниската говорница порача дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено функцинирање на сите институции во државата и дека ова е време кога е потребно да се организираат фер и демократски избори, да се завршат потребните активности за полноправно членство во Северноатланската Алијанса и да се следат одлуките на Европскиот Совет поврзани со почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

– СДСМ и Коалицијата покажаа како се организираат избори, како демократски се управува со државата, сега е конечно време и ВМРО-ДПМНЕ да се одважи и да ги спроведува овие демократски стандарди. Времето на флоскули, на лажни вести, на политичко калкуланство е завршено. Сите сме дел од институциите, институиците мора да функционираат и да испорачаат совршени слободни, фер и демокртски избори и ни милиметар помалку од тоа, рече Спасовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот