Проф. д-р Насер Дурмиши, психијатар: Секогаш имајте „едно око“ на децата, булингот може да одземе и живот

Насер Дурмиши
Проф. д-р Насер Дурмиши, психијатар / Фото: Приватна архива

Задевања и ширење гласини од врсниците, во училиште, навредливи гестови, заканувачки имејлови, отстранување од друштвото, па сѐ до удирање, клоцање – на сѐ тоа се изложени жртвите на булинг. За жал, овој наизглед тренд во ова современо демократско време може да предизвика осаменост, депресија, анксиозност, да доведе до ниска самодоверба и зголемена подложност на болести, предупредува професор доктор Насер Дурмиши од Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје, кому тесна специјалност му се детска и младинска психијатрија.

Булинг (насилство) е многу распространета појава, децата и младите луѓе сè почесто во својата околина се жртви или сведочат на различни облици на насилство. Понекогаш сметаат дека одредени „поблаги“ форми на насилство не оставаат трајни последици, па таквите случаи најчесто ги игнорираат и не ги пријавуваат. Булингот не е детска игра…

Професоре Дурмиши, што е булинг? Интернетско, врсничко, професор-ученик…

– Булинг претставува употреба на сила, принуда, навредливо задевање или закана за злоупотреба, агресивно доминирање или заплашување, често повторливо и вообичаено однесување, активност на повторувано, агресивно однесување, кое има за цел да повреди друг поединец, физички, ментално или емоционално. Булинг се карактеризира со непријателски намери, нерамнотежа на моќта и повторување во текот на одреден временски период.

Суштински предуслов на ова однесување е перцепцијата (од сторителот или од другите) за нерамнотежа на физичката или на општествената моќ. Оваа нерамнотежа го разликува булингот односно малтретирањето од конфликтот.

Булинг може да се направи поединечно или од група, наречена мобинг, во која сторителот на насилството може да има еден или повеќе „извршители“, кои се подготвени да му помогнат на примарниот насилник.

Булингот во училиште и на работното место, исто така, се нарекува „врсничка злоупотреба“. Булингот може да биде дефиниран на многу различни начини. Во Обединетото Кралство нема правна дефиниција за булинг, додека некои држави во САД имаат закони против тоа. Булингот е поделен на четири основни видови злоупотреба – психолошка (понекогаш наречена емоционална или релациска), вербална, физичка и сајбер.

Како жртвата или родителите да го препознаат булингот?

– Постојат сè поголем број докази што покажуваат дека поединците, без разлика дали се деца или возрасни, кои постојано се изложени на навредливо однесување, се изложени на ризик од болести поврзани со стрес, кои понекогаш може да доведат и до крајно сериозни последици по менталното здравје, па и до суицидни мисли, планови, намери, па дури и до реализација на самоубиство. Оние што биле цел на малтретирање, можат да развијат долгорочни емоционални проблеми и промени во однесувањето. Булинг може да предизвика осаменост, депресија, анксиозност, да доведе до ниска самодоверба и зголемена подложност на болести. И двете страни, жртвите, но исто така, и самите сторители на булинг, покажуваат поголеми социјални тешкотии, покажуваат повисоки нивоа на осаменост, намален успех во личниот и во професионалниот живот.

Како се манифестира булингот кај детето жртва? Какви симптоми пројавува? Кои се примери на насилство – булинг?

– Знаците според кои е возможно родителите или детето да препознаат дека некој е жртва на булинг се неретко нејасно забележливи. Обично се тоа на почетокот благи промени во однесувањето, во смисла на поизразена раздразливост, пројавување нетрпение за вообичаените нешта, повлекување од социјалното вообичаено однесување, затворање во себе, дома, позачестено занимавање со индивидуални нешта, дома, на телефон, компјутер, губење интерес за посакуваните нешта и слично. Додека со времето и траењето на булингот, може да се појават и понагласени отстапувања, какви што се нарушување на сонот и спиењето (промена на ден за ноќ, намален или зголемен сон, квалитет на спиење…), промени во апетитот и во исхраната (булимични и анорексични манифестации, промени на телесната тежина…), забележливо повлекување во социјалната средина (не сака да оди да си игра надвор, одбива да оди на училиште…), па дури и манифестирање психолошко/психијатриско страдање, какви што се низа анксиозно-депресивни тешкотии и растројства, кои во одреден број може да завршат дури и трагично, особено ако не се побара навремена медицинска помош.

Како примери на булинг може да се спомнат, од домен на вербален булинг: задевања, прозивки, ширење гласини… Од физички булинг: удирање, уништување или кражба на имот, клоцање… Од невербален – нефизички булинг: исклучување од другите во групата, закани, навредливи гестови, манипулација со пријателите, заканувачка е-пошта и др.

Како да реагираат родителите ако нивното дете е жртва на булинг? А, како да реагира и самата жртва? Или во случај ако некој забележи или знае дека некоја личност е жртва на булинг?

– Родителите треба постојано да „имаат едно око на детето“, т.е. да имаат постојан увид што се случува со нивното дете, да ги земаат за сериозно евентуалните жалби на детето, да го охрабруваат детето да зборува или да проговори за таквите доживувања, да работат со нивното дете да биде асертивно и неагресивно во справувањето со конфликти, да работи постојано и да има контакт со учителот, наставниците, со авторитетите во училиштето и сл.

Детето што е жртва на булинг, треба да прозбори за случувањата (со него како жртва или како сведок за другите околу него…), да избегнува возможни ситуации на булинг, да се оддалечи од ситуацијата или од местото на булинг, да избегне булинг префрлувајќи сè на шега и смеа, да се дружи со други деца и да не биде само и сл.

Децата што сведочат булинг би требало да побараат да се престане со булингот врз некого, да го извлечат некого од булинг ситуацијата, да повикаат пријатели за да ѝ помогнат на жртвата на булинг, да го дружат детето жртва, да повикаат постаро лице…

Кои се последиците на булинг? До кој степен може да се развијат и која е најстрашна последица од булингот?

– Последиците од булинг може да се многустрани и разновидни. Од домен на забележливи физички повреди (полесни, но понекогаш и тешки повреди), преку разни промени на когнитивен и интелектуален план (пад на успехот во училиште, потешко учење нови знаења и вештини, намалена концентрација и ефективност на училиште или на работа), до нарушувања на емоционален и на афективен план, како од полесните, па и до најтешките форми (лесни вознемирувања што поминуваат спонтано, но неретко и разни афективни нарушувања до растројства од анксиозен и депресивен карактер, па и до суицидни размислувања, а понекогаш и обиди…).

Насилството во живо и насилството на интернет (сајбер булинг) речиси секогаш одат паралелно. Објаснете ни повеќе за ова (примери на сајбер булинг).

– Булинг/насилство во живо и сајбер булинг имаат разлика во методот како и во последиците што ги предизвикуваат кај жртвата, иако крајната цел им е иста, да нанесат штета или повреда и да покажат надмоќ. Во живо булингот ќе биде повеќе насочен кон директно физичко или емоционално насилство (повреда, разни навреди, омаловажување и сл.). Додека сајбер насилството обично е создавање разни штетни односно лоши гласини за некого, нивно објавување на веб, креирање штетни веб-страници за некого, заканување преку веб и сл.

Каква треба да биде релацијата учител/наставник/професор – ученик?

– Релацијата учител/наставник/професор – ученик е мошне значајна во препречувањето или, пак, во создавањето атмосфера погодна за настанување булинг. Во новото т.е. сегашното време на демократијата, неретко им е тешко на многумина да постават јасни граници помеѓу демократското и анархистичното однесување и битисување. Недостатокот на јасни норми и правила во однесувањето, недостаток на модел и визија за истото, постојаното повикување само на правата, притоа заборавајќи на одговорностите (што случајно, што намерно и целно…) во соживотот со останатите во заедницата, неконтролирање на речникот на изразување (слобода на говор версус говор на омраза…), се теми што постојано треба да се дел и од курикулумот во образованието, но и уште повеќе на што е можно повеќе вонкурикуларни активности на училишната средина (спортови, натпревари, театарски претстави, уметност и уметничко изразување…), со цел градење соодветни етички и културолошки норми на здраво изразување и соживот.

Каде да се обратат за помош родителите и детето жртва на насилство?

– Децата, како и нивните родители, во случај да се жртва или, пак, сведоци на булинг, јасно можат и треба да се обратат до сите можни достапни ресурси, притоа најбитно е да не се премолчува или да се прикрие настанот. Тоа се, на пример, класниот учител, школскиот педагог и психолог (кои можат да му помогнат и на сторителот на булинг исто колку и на жртвата на булинг… затоа што и двајцата имаат сериозни психолошки последици…), евентуално институциите на заедницата, или во крајно сериозните ситуации или случаи и во институциите од правдата или казнено-поправните установи (во многу западни земји постои и кривичен закон за категоријата булинг).

Што треба да направат компетентните институции?

– Улогата на институциите во овој наизглед тренд, би била првенствено потребата да станат свесни за новосоздадената реалност засилена со влијанието на низата актуелни кризи (пандемијата, економската како и политичките кризи и сите нивни реперкусии врз социјалното и менталното здравје на средината) и да вложат труд во градењето стратегии (национални, регионални, школски, во работни организации и др.), во кои треба да бидат проткаени целите како и техниките односно методологиите на справување со овој вид психосоцијална патологија, која бележи приличен пораст со своето присуство. Тука сигурно припаѓаат институциите од доменот на просвета и образование (на пример, може да се спомне Универзитетот на Југоисточна Европа – УЈИЕ, каде што е интегриран студентски психосоцијален консултациски систем (psychosocial counseling) во студискиот кампус), потоа социјална заштита, законодавство, здравство и други сродни и поврзани подрачја.

Проф. д-р Насер Дурмиши
Психијатар (детска и младинска психијатрија)
Универзитетска клиника за психијатрија, Скопје
Декан на Факултетот за здравствени науки, УЈИЕ, Тетово

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот