Проф. д-р Гривчева – Старделова: Лекарите покажаа силна истрајност и несебична грижа за пациентите

Инфективна клиника /Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Здравјето е основно човеково право, а секоја личност заслужува да живее здрав живот без оглед на возраст, пол, етничка припадност, економска состојба. Во годината што ја оставивме зад нас во услови кога светска пандемија предизвикана од ковид-19 ги атакуваше сите сфери на општественото живеење, повеќе од кога било стана јасно колку е важна грижата за здравјето и улогата која ја има здравствениот систем во поширокиот контекст на живеењето, наведува во својата изјава претседателот на Лекарска комора на РСМ, проф. д-р Калина Гривчева – Старделова по повод 7 Април, Светскиот ден на здравјето.

Во периодот што измина, посочува, Гривчева-Старделова, се соочивме со многу предизвици во менаџирањето на сите нивоа на здравствениот систем, со дел од нив тековно се справивме, но дел ќе треба да се разгледаат и разрешат во периодот кој следи. Воедно, потенцира таа, исплива на површина и потребата за преземање конкретни чекори за воспоставување и овозможување пристап до квалитетни здравствени услуги без соочување со финансиски потешкотии за секој поединец во општеството.

– Од круцијално значење за справување со пандемијата е обезбедувањето на оптимални количини на вакцини за да се постигне масовна имунизација, но и одржливо обезбедување на неопходен здравствен персонал. Треба да се истакне и дека здравствените професионалци во земјава одговорно и на ниво на својата задача се одѕваа на повикот за вакцинирање и според официјалните податоци 75 отсто од нив веќе се вакцинирани против ковид-19, посочува претседателката на Лекарската комора.

Здравствените работници имаат значајна улога во изградбата на здравствениот систем и тие професионално, посветено и пожртвувано се грижат за здравјето на граѓаните и, како што посочува, во изминатите месеци соочени со предизвикот од непознатото и притисокот за спасување на човечки животи лекарите вложуваа натчовечки напори за да обезбедат квалитетна здравствена заштита.

– Поради тоа Лекарската комора изразува најдлабока почит и благодарност до сите здравствени професионалци за силната истрајност, упорност и несебична грижа за сите пациенти, а особено за оние кои се соочија со ковид-19. Посебна почит искажуваме кон лекарите кои битката за животот на другите ја платија со сопствениот живот. Во името на Лекарската комора го честитам 7 Април, Светскиот ден на здравјето со повикот за заедничка акција и солидарност на сите вклучени страни, здравствените работници, пациентите и надлежните институции, бидејќи само така може да се даде соодветен одговор на предизвикот со кој се соочуваме, се посочува во пораката од претседателката на Лекарската комора проф. д-р Гривчева – Старделова по повод Светскиот ден на здравјето 7 Април.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот