Проевропската опозиција во Србија незадоволна од отфрлените предлози за изборите го напушта меѓупартискиот дијалог

Претставници на српската проевропска опозиција, Партија на слободата и правдата (ССП), Движењето за промени (ПЗП), Движењето на слободните граѓани (ПСГ) и Демократската партија (ДС) одлучија да не учествуваат во продолжението на втората фаза од меѓупартискиот дијалог со посредство на европратениците, 

Учесниците на состанокот им кажаа на новинарите дека власта ги отфрлила сите предлози во врска со изборите и застапеноста на опозицијата во медиумите.

Драган Ѓилас изјави дека документот понуден од европратениците е оценет како неприфатлив, бидејќи не нуди конкретни решенија или механизми. Владимир Орлиќ од владеачката Српска напредна странка (СНС) грубо го навредуваше Драган Ѓилас за време на состанокот, изјави за новинарите Јанко Веселиновиќ од ПЗП. За понатамошните чекори партиите накнадно ќе одлучат .

-Побаравме денеска на дневен ред да биде договорот потпишан од шесте партии, за да не губиме повеќе време. Сето ова е голема фарса, СНС цело време вели дека овде се идеални изборните услови, според нив, РТС е јавен сервис, опозицијата има присуството какво што треба да го има, нема притисок врз луѓето. Тие прифатија учество од формални причини, формално ја водат земјата и кон Европската унија. Нашиот предлог не беше прифатен, СНС ни рече дека не се согласува со извештајот предложен од европратениците, телата што ги предложивме ги именуваа како комесарски тела и дека повеќе не може да се разговара, изјави Ѓилас, соопшти Н1.

Тој кажа дека нивниот предлог договор ќе го испратат до пратеничките клубови на Европскиот парламент, истите оние што во март ја донесоа својата резолуција, по што беа и направени обиди за овие преговори.

-Слобода, правда, можност секој да ја изрази својата политичка волја, понатаму во ова ние нема да учествуваме и тоа нема никаква врска со учеството на изборите, ќе усвоиме став во договор со нашите колеги, изјави Ѓилас.

Лидерот на ССП додаде дека не може со оние што го прекршуваат законот да преговара за да го почитуваат законот.

-За тоа не се дискутира, знам дека некои ќе ми кажат дека нашето барање е бесмислено, бараме дебатни емисии, на кои во секоја емисија можеме да одговориме, тоа е она што постои во законите на европските земји и да ни кажат дали е тоа европска вредност. Ќе повторам, сами ќе се бориме за слобода, ако некој сака да помогне – добредојден е, заклучи Драган Ѓилас.

Во пресрет на денешниот дијалог на власта со опозицајата со посредство на ЕП, утринава претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со европските посредници во дијалогот, Тања Фајон, Владимир Билчик и Кнут Флекенштајн, кои го информираа за ситуацијата и резултатите во тој процес.

-Соговорниците посочија дека е од голема важност примената на резултатите од дијалогот и изразија посебна подготвеност да помогнат во предизборниот процес за да се спроведе она што е договорено, соопштија од кабинетот на српскиот претседател.

Вучиќ изрази уверување дека предизборниот процес ќе биде во согласност со „највисоките демократски стандарди и општата политика на сериозен и одговорен пристап” како еден од најважните процеси во функционирањето на државата, се наведува во соопштението.

Медијаторите од Европскиот парламент, досегашната соработка ја оценија како конструктивна и го информираа Вучиќ за идните чекори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот