Проектот „Пејзажно искуство“ од Биеналето во Венеција дојде во Скопје

По реализацијата на едно од најдобрите национални претставувања на 59то издание на меѓународната изложба „Уметничко биенале во Венеција 2022“ со проектот „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Националната галерија на Република Северна Македонија, како координатор на проектот, од 30 март, во 19 часот, ќе го претстави истиот пред македонската јавност.
Мултимедијалниот проект ќе биде поставен во објектот Чифте амам, а изложбата ќе ја инаугурираат министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска и директорката на Националната галерија и комесар на проектот, Дита Старова Ќерими.
Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето. Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други.
Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ-Младенов, а ќе биде поставен во Чифте амам од 30 март до 30 април 2023 година.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 172, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.3.2023)