Проектот кој ја подигнува свеста за родовата еднаквост и семејното насилство „Простор за разговор“ гостува во Куманово
Настани од проектот „Простор за разговор“, организиран од културниот центар „Интерарт“ со поддршка на Швајцарската амбасада во Скопје, а кој ја опфаќа темата за родовата еднаквост и семејното насилство и низ уметнички активизам ја подигнува свеста за овој огромен проблем во општеството, на 22 март се организираат во Куманово.
Во соработка со Хуманитарното здружение „Мајка“ и ОСТУ „Наце Буѓони“ во просториите на училиштето во пладневните часови се одржа средба со млади средношколци.
Вечерта, во соработка со Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, во 20 часот, во фоајето на центарот ќе се одржи танцовиот перформанс на Скопје танцовиот театар во соработка со катедрата за танц при УГД, „Простор за разговор“, по кој ќе се проектира истоимениот филм.
По завршувањето на проекцијата ќе се отвори дискусија на темата, на која учесници ќе се Лидија Илијевска – претседателка на ХЗ „Мајка“, Габриела Бошков – психолог и психотерапевт, Ана Зафирова, новинарка и активистка, и Огнен Јанески, Амбасадор против говорот на омраза за Западен Балкан на Советот на Европа и ЕУ.
Хуманитарното здружение „Мајка“ е самостојно, независно, невладино, непартиско и непрофитно здружение во кое членките ги остваруваат своите заеднички општествени, економски, социјални, хуманитарни, образовни и културни интереси и цели заради обезбедување на човековите права и слободи и создавање на еднакви можности за мажите и за жените.
Партнери на националната турнеја на проектот „Простор за разговор“ се универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и „Националната мрежа против семејно насилство“, како и локалните партнери и соработници од градовите во кои се случува турнејата и кои се занимаваат со темата на родовата еднаквост и родово базирано насилство.