Проект на ЕУ овозможи поквалитетно образование за децата Роми во Битола

Во рамките на заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа, Ромактед Програмата фаза 2, за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ и по потпишаниот договор помеѓу Советот на Европа и Општина Битола и објавениот јавен повик за ангажирање на тутори за поддршка на ученици Роми од второ, трето и четврто одделение во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, веќе втор месец се изведува туторска настава за децата Роми.
-Проектот има за цел да го унапреди квалитетот на образование за децата Роми во основното образование, кои беа дел од наставата на далечина за време на пандемијата со Ковид 19 и се соочија со различни предизвици, од кои произлегоа значителни последици во однос на намалување на квалитетот на образование за учениците Роми. Дополнителната образовна туторска поддршка се обезбедува по предметите македонски јазик, математика и англиски јазик-информираат од Битолската локална самоуправа.
Во ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола, туторската поддршка ја добиваат околу 70 ученици, од страна на шест тутори и еден консултант, кои се ангажирани седум месеци.
Акцијата се изведува во два дела, од април до јуни и од септември до декември.
Во рамките на проектот набавени се материјали за учениците и туторите, кои им се потребни за поквалитетно изведување на туторската настава.