Проекција на филмот „Амадеус“ во соработка помеѓу Кинотека и Филхармонија

Во Кинотеката на РС Македонија, на 5 октомври, со почеток во 20 часот, ќе се прикаже антологиското кинематографско дело на режисерот Милош Форман – филмот „Амадеус“, посветен на генијалниот композитор Волфганг Амадеус Моцарт.

Проекцијата на филмот ќе биде своевидна увертира на новата сезона 2022/2023 на НУ Филхармонија, пред концертот со кој на 6 октомври ќе биде отворена сезоната, а на кој оркестарот на Филхармонија и пијанистите Алексеј Володин и Едит Пења ќе изведат четири дела од богатиот музички опус на Волфганг Амадеус Моцарт.

– Успеавме да ги обезбедиме правата за прикажување на филмот откако го исконтактиравме синот на продуцентот на филмот „Амадеус“. Парите со кои требаше да ги платиме правата за прикажување, на барање на продуцентската куќа ќе ги донираме во хуманитарни цели – истакна Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на РС Македонија на одржаната прес-конференција.

Филмот „Амадеус“ е снимен во 1984 година, а сценарист е Питер Шефер. Филмот е адаптација на истоимената театарска претстава на Шефер, во која акцентот е ставен на наводното соперништво помеѓу Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, двајца композитори кои живееле во Виена, Австрија, во втората половина на XVIII век.

„Амадеус“ беше номиниран за вкупно 53 награди од кои освои 40, меѓу кои и осум оскари (вклучувајќи и Оскар за најдобар филм), четири БАФТА награди, четири „Златни глобуси“ и една од Режисерското здружение на Америка. Во 1998 година, Американскиот филмски институт го рангираше филмот на 53-тото место на листата „100 години… 100 филмови“.

Освен проекцијата на „Амадеус“, Кинотеката во соработка со Филхармонија во текот на сезоната ќе прикаже четири филмови: „Малер“ на Кен Расел, „Проба на оркестарот“ на Фредерико Фелини и немиот филм „Сатанска рапсодија“ од 1917 година, за кој музиката ја напиша Пјетро Маскањи.

Новата сезона на Филхармонија ќе биде отворена на 6 октомври со концертот насловен „Зорнина“. На програмата се дела од генијалниот Волгфанг Амадеус Моцарт – три клавирски концерти и увертирата од операта „Свадбата на Фигаро“. Диригент е маестро Гудни А. Емилсон од Исланд. Мото на сезоната е „Дамар на слободата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот