Продолжуваат руските напади врз Украина, велат украинските сили

Тенк „Челинџер“, дониран од Британија за украинската војска / фото: Украинско министерство за одбрана

Обемните руски напади продолжија ноќеска и денеска во Украина и по одлуката на Меѓународниот кривичен суд да издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, кој е осомничен за воени злосторства во Украина.

Украина синоќа беше нападната од 16 руски беспилотни летала, соопштија рано утрово преку Телеграм украинските воздухопловни сили. Нивната команда објави и дека 11 од 16 беспилотни летала биле соборени во централните, западните и источните области.
Мета беше главниот град Киев и западната провинција Лавов.

Шефот на градската управа на Киев, Серхиј Попко, изјави дека украинската противвоздушна одбрана ги соборила сите беспилотни летала што се движеле кон главниот град на Украина, додека гувернерот на регионот Лавов, Максим Козицки денеска рече дека три од шесте беспилотни летала биле соборени, додека останатите три го погодиле округот што граничи со Полска.

Според украинските воздухопловни сили, нападите биле извршени од источниот брег на Азовското Море и од руската провинција Бријанск, која граничи со Украина.

Украинската армија во својот редовен извештај утринава соопшти дека руските сили во текот на претходните 24 часа извршиле 34 воздушни напади, еден ракетен напад и 57 рунди противвоздушен оган. Во извештајот објавен на Фејсбук се наведува дека остатоците кои паѓале ја погодиле јужната провинција Херсон и оштетиле седум куќи и една градинка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот