Продолжуваат да растат депозитите и кредитите

Депозитите и кредитите на годишна основа продолжуваат да растат. Податоците на Народната банка покажуваат дека кај депозитите растот е 10 отсто, а на кредитите 6,4 отсто.

Кај вкупните депозити растот се должи главно на зголемување кај корпоративниот сектор, иако зголемување има и кај двата сектора и кај фирмите и кај домаќинствата.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 4,4 отсто, главно поради зголемувањето на депозитните пари и депозитите во странска валута, во услови на пад кај краткорочните депозити во денари. Споредено на годишна основа, депозитите се зголемени за 10,1 отсто, во најголем дел поради зголемувањето на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при евидентиран пад кај краткорочните депозити во денари.

Вкупните депозити на домаќинствата во август бележат месечен раст од 0,4 отсто, како резултат на зголемувањето на краткорочните депозити во странска валута, депозитните пари и долгорочните депозити. Стапката на годишен раст кај овие депозити во август изнесува 9,1 отсто, а е резултат на растот кај сите компоненти, со поизразено учество на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута.

Кај вкупните кредити овој месец е остварен месечен пад од 0,2 отсто, што целосно се должи на намаленото кредитирање на корпоративниот сектор. На годишна основа продолжил растот, што изнесува 6,4 отсто и главно е резултат на кредитирањето на секторот „домаќинствa”. Од Народната банка наведуваат дека доколку се исклучи ефектот на извршените отписи на сомнителни и спорни побарувања под влијание на регулаторните промени, годишниот кредитен раст изнесува 7,8 отсто.

Во август кредитите на корпоративниот сектор се намалиле на месечна основа за 1 отсто, додека на годишно ниво кредитирањето на корпоративниот сектор бележи пораст за 3,4 отсто. Промените на месечна и годишна основа во најголем дел произлегуваат од кредитирањето во денари. Со исклучување на ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, во согласност со одлуката на Народната банка, кредитите на корпоративниот сектор во август бележат раст од 5,6 отсто на годишно ниво.

Кај вкупните кредити на домаќинствата забележан е месечен и годишен раст од 0,6 отсто, односно 9,4 отсто. Според валутната структура, најголемо учество во месечниот раст имаат кредитите одобрени во странска валута, додека годишниот раст во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.

Според намената на одобрените кредити на физичките лица, во август кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 0,7 отсто и 0,6 отсто, додека годишниот раст е еднаков кај двете категории и изнесува12,4 отсто. Кај автомобилските кредити има месечен пад од 1,1 отсто, додека на годишно ниво се зголемени за 5,8 отсто. Кај негативните салда на тековните сметки е евидентирано месечно и годишно зголемување од 1,2 отсто и 2,4 отсто, соодветно, додека кредитите одобрени врз други основи остварија месечен и годишен пад од 0,6 отсто и 8,6 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот