Продолжува трендот на пораст на економската активност во ТИРЗ, близу 160 милиони евра нови странски инвестиции

Јован Деспотовски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Продолжува трендот на пораст на економската активност во Технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ) и во август, трендот е стабилен и очекувам да продолжи и до крајот на годинава. Вкупното ниво на нови странски инвестиции кои се веќе договорени, потпишани или се во процедура на одобрување во Влада е близу 160 милиони евра. Предвидено е да се отворат над 2.500 нови работни места и очекуван нови извоз кој ќе се генерира од тие инвестиции во наредните 10 години од близу три милијарди евра, порача денеска директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Економската активност во делот на извозот за периодот јануари – август 2021 година во однос на истиот период од минатата година, посочи, е зголемена за речиси 51 процент, вкупното ниво на извоз достигна над 2,04 милијарди евра, што во споредба со пред пандемискиот период во 2019 година има пораст од 11 проценти, а во споредба истиот период од 2018 година вкупниот извоз е поголем за речиси 32 процента.

– Овие бројки јасно укажуваат дека економијата во рамки на ТИРЗ не само што ги надмина последиците од пандемијата, туку веќе влегуваме стабилно во зоната на пораст, рече Деспотовски на денешната прес-конференција на која ги презентираше деталите од компаративната анализата за економските активности во ТИР зоните од почетокот на годинава до сега, реализирани и планирани странски инвестиции, како и преземени активности и иницијативи за поттикнување на инвестициите.

Очекува до крајот на годината да продолжи стабилниот тренд на пораст во ТИРЗ и , како што рече овие 2,04 милијарди евра да ја надминат бројката од три милијарди евра.

– Во август имаме пораст од 24 проценти во споредба со истиот месец лани, во однос на 2019 година порастот е 26 проценти, а во однос на 2018 година е 45 проценти. Вкупниот обем на извоз во август годинава во ТИРЗ е 275 милиони евра што е најмногу после април што укажува дека економијата е веќе влезена во стабилна во сегментот на извоз. Во делот на увозот во кој влегува и увозот на опрема заради засилена економска и инвестициска активност на компаниите има евидентно засилување на активностите и за периодот јануари –август 2021 година во однос на истиот период лани увозот е зголемен за 64 проценти и изнесува 2,036 милијарди евра, во однос на истиот период од 2019 година е зголемен за речиси 18 проценти, а во споредба со тој период од 2018 година за 55 проценти, рече Деспотовски и додаде дека во увозот влегува увозот на репроматеријали, но и увозот на опрема и машини.

Во август годинава, прецизира, увозот во ТИРЗ е 269 милиони евра што е пораст од 10 проценти во споредба со истиот месец од минатата година, 26 проценти пораст во однос на август 2019 година и 38 проценти пораст во споредба со август 2018 година.

– Засега увозот има стабилна траекторија на пораст и очекувам и покрај предизвиците со кои се соочуваат компаниите да продолжи до крајот на годинава таквата траекторија на пораст, рече Деспотовски.

Број на вработени во август 2021 година во споредба со ланскиот август, посочи, бележи пораст од 7,35 отсто.

– Трендот на пораст и кај бројот на вработени е евидентен. Компаниите со кои веќе имаме потпишано договори имаат обврска да отворат 7000 работни места и настојуваме овој тренд дополнително да се засили во периодот што следи и до крајот на 2022 година во ТИРЗ да работат околу 20 000 вработени во кои не влегува бројот на вработени што ги планираат инвеститорите со кои сега се преговара и со кои годинава се склучени договори, рече Деспотовски.

Најави три нови странски инвестиции во ТИРЗ за кои, како што рече, Владата веќе успешно ги има затворено разговорите со инвеститорите, во вредност 54 милиони евра и отворање на нови 680 работни места, со проектирани вкупни приходи од 850 милиони евра на компаниите кои би ги оствариле во наредните 10 години и проценка на поврат од инвестицијата од 55 милиони евра од овие компании за државата.

– Една од овие инвестиции ќе биде во Штип, една во Скопје и една која е веќе лоцирана во Кичево и станува збор за проширување на капацитетот. За овие инвестиции разговорите се веќе завршени и усогласените договорите се веќе испратени во соодветните институции. Заедно со овие три нови странски инвестиции од почетокот на годината вкупно имаме 160 милиони евра нови странски инвестиции и над 2.500 нови работни места, рече Деспотовски.

Иницирале, како што кажа, ревидирање на упатствата за трошоци на странските инвестиции, што се потребни за верификација на трошоците што ги прават инвеститорите и се користи при исплата на средствата за државна помош. Веќе е дефиниран финалниот ревидиран документ во кој е јасно прецизирано што е подобен трошок, како државата постапува и е воведен механизам на верификација на трошоците дали се реални пазарни или отстапуваат од пазарната логика за да не се даваат буџетски средства кае нема потреба.

– Инициравме процес на вклучување на универзитетите и овозможување на пракса за студенти, а со усвоените измени на Законот за поддршка на финансиите што ги инициравме се овозможува многу поголема вклученост на домашните компании во ТИРЗ. Работиме со ИФЦ на посебна програма која ќе ги таргетира домашните компании и инвеститори. Целта е да го подигнеме нивото на технолошка подготвеност на домашните компании за полесно да се вклучат во соработка со странските инвеститори и да бидат поподготвени за извоз. Вториот сегмент е поттикнување на раст на продуктивноста на работниците со цел поттикнување на спиралата на раст на платите. Подготвивме и презентација на инвестициските можности на Република Северна Македонија, но со сменет пристап како дестинација која не нуди евтина работна сила туку можност заеднички да заработиме, потенцира Деспотовски.

Од почетокот на годинава, нагласи, нема компанија која заминала од ТИРЗ, но се раскинати неколку договори за закуп на земјиште кои воопшто не беа почнати со инвестицијата.

– Од 15 зони со кои управуваме седум се целосно неискористени. Еден од проблемите за тоа е недостатокот на квалификувана работна сила затоа веќе размислуваме за воведување пристап за мобилна работна сила, рече Деспотовски во одговор на прашање.

– Вкупното ниво на нови странски инвестиции кои се веќе договорени, потпишани или се во процедура на одобрување во Влада е близу 160 милиони евра. Предвидено е да се отворат над 2500 нови работни места и очекуван нови извоз кој ќе се генерира од тие инвестиции во наредните 10 години од близу три милијарди евра.

Извор: МИА

Видео на денот