ПРОДОЛЖУВА САГАТА ВО ХРВАТСКА: Судијата доби полициска заштита, кој ќе ја штити девојката која групно ја силуваа?

Задар/Фото: Профимедиа

Хрватскиот министер за правда Дражен Бошњаковиќ вчера, поради настаните поврзани со постапката за групното силување кој се води на Жупанискиот суд во Задар, во кој жртва е малолетна девојка, изјави дека судијата Иван Марковиќ добил сериозни закани и за него е побарана полициска заштита.

Причината за заканите беше пуштањето од притвор и дозвола да се бранат од слобода за пет лица осомничени за силување. Истовремено, не е споменато дали малолетната жртва на осомничените силувачи исто така ќе добие заштита, објави „Блиц“.

– Понекогаш медиумите осудуваат без да ги знаат сите факти. Тоа не е добро. Ова е еден посебен предмет кој го вознемири целото општество, но тоа се рефлектира и врз жртвата. И судијата кој ја донесе таа одлука прими сериозни закани, и колку што знам, за него е побарана заштита. Мораме да останеме мирни и рационални – рече Бошњаковиќ на вонредната прес-конференција пред новинарите.

Полицијата не открива дали жртвата добила заштита

Хрватски „Индекс“ се обиде да дознае дали, освен судијата, заштита добила и жртвата, но полицијата одговори дека сите постапки со малолетниците се тајни, па не даде конкретен одговор на прашањето. Во однос на судијата, од задарската полиција одговорија дека можат да потврдат оти тие примиле кривична пријава за заканите, како и дека започнале со спроведување на случајот.

– Во однос на прашањето за обезбедување на физичка заштита на жртвите, откриваме дека полицијата ги презема сите потребни мерки и работи, а според процениките на можната загрозеност се носи одлука за оправданоста на истите – одговорија за „Индекс“ од задарската полиција. И понатаму останува непознато дали задарската полиција проценила дека жртвата е во опасност и што преземале за да ја заштитат.

Жртвата живее во мало место заедно со дел од осомничените

Според пишувањата на хрватските медиуми, повеќе од јасно е дека на жртвата ѝ е неопходна заштита, поради фактот што сега тие се на слобода. Момчињата се сомничат дека во период од една година повеќе пати групно ја силувале и тепале девојката.

Се верува дека некои од нив дури и живеат во истото место со неа. Јавноста реагира и смета дека не треба да се биде посебно мудар за да се сфати ризикот и фактот дека таа повторно би можела да биде во опасност, без оглед на тоа што судиот им изрече забрана на осомничените за приближување до жртвата.

Полицијата се повика на одредбите на Законот за судови за млади, чиј член 60 експлицитно наведува дека увидот и постапките за малолетници се тајни.

– Најважно во овој случај е да се води сметка за заштита на жртвата која воедно е малолетна, заштита од секундарна виктимизација и стигматизација од околината. Затоа апелираме до медиумите во известувањето за јавноста особено да се обрнува внимание за жртвата, односно да се известува на посебно внимателен начин – стои во соопштението на задарската полиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот