Продолжи работата на изградбата на гасоводот „Северен ток 2“
Руската компанија „Газпром“ објави дека продолжуваат работите за изградба на гасоводот „Северен ток 2“, и покрај американските санкции.
Работите на изградбата на гасоводот, кој ќе носи природен гас од Русија во Германија преку Балтичко Море, продолжија синоќа во данските води, јавува агенцијата Дпа.
Треба да се заврши само 75 од гасоводот долг 1.200 километри, во германските и данските води, пишува бриселскиот портал Политико.
Продолжението на изградбата на гасоводот во данските води беше најавено за 15 јануари.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп наметна нови санкции на 18 јануари, два дена пред истекот на мандатот, насочени кон сите субјекти кои овозможуваат завршување на изградбата на гасоводот преку обезбедување разни услуги на рускиот брод од кој се поставуваат цевки во море
Германската канцеларка Ангела Меркел не се откажа од поддршката за гасоводот, и покрај американските санкции и начинот на кој Москва се однесува кон лидерот на опозицијата, Алексеј Навални, кој беше уапсен и осуден на три и пол години затвор за кршење на условна казна.
Меркел во петокот изјави дека нејзината влада не го поврзува односот кон гасоводот и тензиите со Москва поради Навални, кој со месеци закрепнуваше во Германија од труењето за кое го обвинува Кремлин. Навални беше уапсен веднаш по враќањето од Германија во Русија на 17 јануари.
Изградбата во германските води во моментов е замрзната поради судска постапка, иницирана од невладината организација „Еколошка акција Германија“ (Дојче умвелтилфе), оспорувајќи ја државната дозвола за работите.
Соединетите држави, неколку источноевропски земји и еколошки групи силно се противат на изградбата на гасоводот, додека германските власти не се откажуваат од плановите за тој проект.
Вашингтон тврди дека гасоводот ќе ја зголеми енергетската зависност на Европа од рускиот гас и ќе ја загрози европската енергетска безбедност.
Москва возвраќа, обвинувајќи ги Соединетите држави дека се обидуваат да ја промовираат продажбата на сопствен течен природен гас, јавува Асошиејтед прес.
Новиот гасовод, со капацитет од 55 милијарди кубни метри гас годишно, ќе ја следи скоро истата рута како „Северен ток“ и ќе ги премине економските зони и територијалните води на пет земји, Русија, Финска, Шведска, Данска и Германија. Ги заобиколува транзитните земји Украина, Белорусија, Полска и други источноевропски и балтички земји.
Извор: Бета