Продолжен партискиот притвор на законот за јавно обвинителство

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Остана помалку од една недела до одржувањето на собраниската седница, а од новиот закон за јавно обвинителство нема ништо ново. Останаа „на сила“ старите меѓупартиски спорови и пазарења од кои не се гледа решение.

Со новиот закон за јавното обвинителство треба да се реши и иднината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Како што брифираат од Министерството за правда, разговорите помеѓу работните групи на власта и на опозицијата се во статус-кво состојба и засега не е предвидена нивна нова средба.

Нашите извори тврдат дека власта наводно е подготвена да одговори на одредени барања на опозицијата, но сепак црвената линија е бескомпромисната борба против криминалот. Опозицијата, пак, не отстапува од својот првичен став дека се потребни предвремени парламентарни избори, а исто така не прифаќа автоматско префрлање на јавните обвинители од СЈО во новоформираното обвинителство.

Голема препрека претставуваат и истрагите отворени по 30 јуни 2017 година, за кои опозицијата предлага да бидат преземени од државниот обвинител, а власта смета дека обвинителите од СЈО треба да продолжат да работат на предметите.

Иако се очекуваше работните групи да ги почнат преговорите уште во почетокот од оваа недела, сепак тоа не се случи. Последната нивна средба се одржа во јули годинава и оттогаш позициите на двете страни се непроменети.

Експерти наведуваат дека, според развојот на настаните, тешко дека партиите за помалку од една недела ќе успеат да седнат на иста маса, а уште помалку дека ќе најдат компромис за законот, кој е еден од клучните за земјава да добие датум за преговори со ЕУ. Според ова, додаваат аналитичарите, по сè изгледа власта ќе тргне во обид да обезбеди 80 пратеници кои би го поддржале законот.

Универзитетскиот професор Лазар Лазаров тврди дека законот за јавно обвинителство е клучен фактор за добивање датум за преговори со ЕУ.

– Сега не е време за политички игри, оти влогот е преголем. Сè уште има време да се постигне компромис помеѓу власта и опозицијата, а сметам дека во целата оваа работа треба директно да се вмеша и Европа, па да му удри неколку „воспитни“ на опозицискиот лидер. Сметам дека власта сега размислува и на варијантата да собере двотретинско мнозинство од 80 пратеници и сама да ја истера работата со законот, но исто така мислам дека таквиот план е тешко изводлив. Веќе и премиерот Зоран Заев не го поседува истиот авторитет како во времето кога се гласаа уставните измени со помош на осумтемина независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Сега дефинитивно нема простор за нешто такво. Како и да е, јас се надевам дека двајцата лидери ќе се вразумат и ќе сфатат дека нивниот инает може многу да ја чини државата – објаснува Лазаров.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека партиите можат да најдат добро решение ако навистина имаат политичка волја и ако навистина сакаат да го почитуваат законот и правичноста.

– Со такво решение ќе биде задоволна опозицијата, ќе биде задоволна власта, а всушност ќе бидат задоволни и двете партии кога нивните улоги некогаш евентуално би биле сменети. Тоа што мислам дека ќе ги искомплицира преговорите е подготовката за политички рејтинг. Прво, опозициската ВМРО-ДПМНЕ инсистира да се разговара за предвремени парламентарни избори во исто време кога се разговара за законот за јавно обвинителство. Тоа не верувам дека може да се случи, односно не сметам дека е возможно тие заедно со законот да се договорат за одржување предвремени избори. Условувањето едното со другото може и двете да ги искомплицира – објаснува Арсовски.

Дескоска: Катица не е проблемот

Шефицата на СЈО, Катица Јанева, воопшто не е камен на сопнување во преговорите со опозицијата за законот за јавно обвинителство, бидејќи нејзиниот мандат истекува на 15 септември, истакна министерката за правда Рената Дескоска во интервју за весникот „Независен“.

– Важни се принципите што треба да се усвојат во законот, а не личните интереси или судири. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува дека двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО – се спојуваат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот ѝ истекува на 15 септември. Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност – вели Дескоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот