Продавање чуда за бубрези

Во моментот кога никој нема да ги „купи“ евтините соопштенија на СДСМ дека „во Македонија се случува правда и се почесто ќе бидеме сведоци на спроведена правда“ и на ВМРО-ДПМНЕ дека „ќе има смена на Заев, а тогаш ќе дојде правда за сите“, ќе може да кажеме дека има надеж.

Граѓаните треба да ја бранат државата и нејзините институции – и од тие што владеат и од тие што претендираат да дојдат на власт. Накратко, од политичките елити. На оваа заборавена морална обврска не потсетија тајните претпоставки и јавните тврдења дека „случајот Сашо Мијалков“ бил решен под силен притисок на народот, односно на јавноста.

На ова речиси мистериозно појавување на факторот народ/јавност – и тоа како пресуден! – треба да се гледа како надежен случај, ако не поголем, тогаш еднаков на враќањето на исчезнатиот поранешен шеф на тајната полиција. Зашто, него го немаше со часови, ама „народот“, во улога на критичка јавност, го нема со години.

Значи, не треба да се брза со гасењето на оваа граѓанска сијаличка во општиот партиско-политички мрак. Напротив. Не смее ни да се подлегне на многубројните „докази“ дека народот ништо, никогаш не решил, дека е стадо што само слепо ги следи своите избрани пастири, лидери и други самопрогласени водачи. Не треба да не обесхрабрат сознанијата дека за создавањето критичка јавност, за народ што ќе има моќ да решава за иднината на државата, треба образовното, културното ниво воопшто и политичкото посебно да биде многу, многу повисоко од сегашното; дека сиромашен народ не може да биде ништо повеќе од маса со која лесно се манипулира, како ни заклучокот дека ова е претполитичко општество во кое не се можни такви цивилизациски исчекори. Не дека не се точни, туку поради тоа што тие аргументи им се придава сила на вечни, непроменливи вистини.

Време е, конечно, и власта и опозицијата – двата клучни пункта за тестирање – да ја почувствуваат на сопствената кожа „моќта на народот“. Со разни форми на притисок и со разумен отпор да им се стави до знаење дека граѓанска непослушност има предност пред беспоговорната партиска послушност. Речиси секој ден има некој повод за да се искаже таков став. Од одбивањето да ни се запишува етничката припадност во личните карти, до одбивањето да потпишуваме петиција против пописот, на пример.

Зборот пазар никогаш не сме го слушале почесто отколку сега во врска со „случајот Мијалков“. Од сите институции, остана уште една што не е руинирана:

таканаречениот акшам-пазар. Тоа е оној пазар што се случува приквечер, на затворање, кога цените невидено паѓаат, кога не се гледа што е и какво е, кога на крај ќе сфатите дека тоа што било бадијала не било за џабе. Ништо толку многу не наликува на акшам-пазар, отколку политичкиот на кој е прогласена – се разбира, не од сега – т(р)ајна распродажба, сезонско снижување, поточно речено понижување на идеи, стока и луѓе; пазар на кој продавачите се порасипани од тoа што го продаваат; пазар на чиј влез стои транспарент „целосна ликвидација“, ама на се друго, освен на принципите на самата политичка акшам-институција; пазар во кој сите што ќе влезат и што ќе прифатат да купат нешто по(д) секоја цена или да го земат бесплатно, кога-тогаш скапо ќе го платат.

Партиите, кои држат монопол на акшам-пазарот секојдневно ни нудат евтини производи во вид на прашања, дилеми, закани, сознанија…на кои им истекол рокот на траење уште пред да бидат ставени пред муштеријата наречена јавност. Во моментот кога никој нема да им ги „купи“ евтините соопштенија на СДСМ дека „во Македонија се случува правда и се почесто ќе бидеме сведоци на спроведена правда“ и на ВМРО-ДПМНЕ дека „ќе има смена на Заев, а тогаш ќе дојде правда за сите“, кога раководствата и пи-ар службите ќе сфатат дека нема веќе кому да му продаваат вакви чуда за бубрези, тогаш ќе може да кажеме дека има надеж. Не само за државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот