Прочистување

Потребно е некој да види каде и за кого се трошат парите, да ја провери големината на надоместоците, дали има други примања истовремено, какви се дневниците и хонорарите по разни основи, патните трошоци, како функционираат набавките и кој прави договори за закуп, продавање или давање под концесии имот на пензионерската организација?!

Пред некое време пишував за потребата од ветинг во пензионерската организација и по реакцијата на некои ревносни читатели, сфатив дека навистина требаше да го упростам поимот што ја опфаќа проверката во спроведувањето на законитоста и прочистувањето на „отпадокот“ што го кочи напредокот?! Да бидам искрен, до неодамна и мене не ми беше јасно што значи ова загадочно зборче кое во последно време им задава страв на сите што ја „згрешиле работата“. Затоа се обидов да го сфатам потеклото (етимологијата) на поимот, па логично ми дојде објаснувањето и толкувањето што го засновав врз некои практични согледувања на состојбите во време на предизборието. Тогаш сите дознавме дека многумина од чаушите, за да си го зголемат рејтингот во кампањата, настапуваа со премногу ветувања за да им поверуваат гласачите дека „мед и млеко ќе потече по улиците“, само ако тие ја добијат довербата?!

Така се случи и во пензионерската организација! И таму имаше големи ветувања, монтажи и местења (на англиски тоа се вика сетинг), што и ме поведе таквите дејанија да ги наречам ветинг?! Но, што видовме од ветувањата?! Ништо. Ниту мед, ниту млеко протече и потече?! Во оваа наша медена земја и медарите без мед останаа, сточарите со производството на млеко престанаа, а лозарите за правда на нозе застанаа?!

Ете зошто не било добро моево етимолошко објаснување на ветингот. Тоа не помогна во откривањето на причинителите и носителите на ваквите состојби?! Работата дотаму отиде што укажува на тоа дека со метафори и обиколувања не може да се дејствува толку колку што може ако се наведат проблемите и да им се постават прашања на оние кои треба да ги решаваат. Всушност, и ветингот тоа го наложува и се заложува за целосно правно прочистување и справување со носителите на негативните појави.

Но кој прв ќе ги засука ракавите и ќе ги обелодени носителите на нечесните работи?! На пример, во пензионерската организација, се наметнуваат многу прашања за кои има, ама и нема одговори?! Се чини дека правната регулација е една од причините што  некому одговара да не се чепка во неа, зашто не треба да се откријат и отстранат недостатоците. Раководството на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ) подготви Предлог-закон за пензионерско организирање кој е оставен некаде во фиоките. Веќе неколку години поминаа, тој уште не е ставен во процедура, како што некои тврдат, поради непостоењето таков „лекс специјалис“ ниту во една земја од меѓународната заедница. Покрај многуте фалинки што ги има предлогот, најголема му е фаворизирањето на улогата на Сојузот и тенденцијата да ги стави под капа здруженијата на пензионери за да ги направи целосно зависни?! Можеби, пак, не е толку во прашање немањето посебен закон за пензионерите, колку што е голем проблемот околу непочитувањето на постојните одредби и непостоењето соодветни статути во здруженијата и Сојузот! Речиси во ниту еден од статутите (или само во неколку) не е регулирана постапката на изборот на кандидатите и траењето на мандатите на избраните лица. Ако се спроведе прочистување (ветинг) на избраните и ангажираните лица во оваа област, имајќи го предвид времето поголемо од два мандата (осум години), според некои согледувања, во здруженијата и во Сојузот нема да остане кој да раководи со раководствата?! Зарем ова не е загрижувачко сознание и некакво признание за состојбите. Не само што има „незаменливи“ лидери што се на функции по 10, 15 и повеќе од 20 години, туку на такви позиции има лица постари и од 80 години.

Ајде да ги затвориме очите и пред оваа појава, но зарем при очи да се правиме слепи и да не гледаме дека во една личност се кумулирани повеќе функции, а надлежните од „уќуматот“ даваат објаснување дека тоа било во функција на штедење средства од членарината што ја плаќаат пензионерите. Навистина смешни работи?! Потребно е некој да ги отвори тефтерите и да види каде и за кого се трошат парите, да ја провери големината на надоместоците, да види дали има други примања истовремено, па какви се дневниците и хонорарите по разни основи, какви се патните трошоци, како функционираат набавките и кој прави договори и дилови за закуп, продавање или давање под концесии имот на пензионерската организација?! За сето ова да е легално и исправно треба да се провери за никој да не се сомнева дека има проневери.

Најпосле, како што се изјасни во една неповолна пригода и претседателката на Сојузот дека не се плаши од никого, па зарем би требало да се плаши и од една ваква рутинска проверка, повеќето поради себе, за да се оправда и спаси од извиканоста на оние суетни незадоволници што се насочиле да ѝ го нарушат авторитетот што го нема и да и ја преземат функцијата?! Затоа, ова укажување нека биде допрен глас само за некои работи, бидејќи овде не може сѐ да се наведе, туку само она што се слуша во кулоарите.

Многумина со душа чекаат да почне проверката и да проработи метлата, но сигурно брзо нема да дочекаат?! Единствено ако прочистувањето се сфати како самопрочистување, како катарза на душата, па тоа да се забошоти како навистина самосвесно да е направено и пак работите да си останат не чепнати?!

„Вака не може повеќе да може“ – извикна некој од насобраните пензионери неодамна пред седиштето на СЗПМ, кои дојдоа таму да бараат правда од водството на Сојузот! Нека овој возвик одекне подалеку како допрен глас и до оние до кои треба да допре за навреме да почне прочистувањето. Ете тоа ќе биде вистинскиот ветинг!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот