Проблемот со превоз на учениците од Визбегово е решен до крајот на учебната година

ЈСП автобус / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Според најавите, МОН работи на трајно решение, преку вложување во образовната инфраструктура, односно изградба на целосно нов, современ училиштен објект во Визбегово, каде што од следната учебна година основците од оваа населба ќе го продолжат своето образование и повеќе нема да имаат потреба од превоз

Надминат е проблемот со кој се соочија дел од учениците од Визбегово, кои во недостиг на училиштен објект во местото на живеење посетуваат настава во други училишта на територијата на општините Бутел и Чаир, а поради прекин на организираниот превоз, изминатите денови се снаоѓаа индивидуално за да стигнат до своите училници.

Од Министерството за образование и наука, информираат дека проблемот со превозот на учениците е надминат на координативен состанок помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и градоначалниците на општините Бутел и Чаир, Дарко Костовски и Висар Ганиу.

– По конструктивна дискусија и по изнесување низа предлози и сугестии за надминување на ситуацијата, Општина Бутел веќе го финансира организираниот превоз од Визбегово до ООУ „Исмаил Ќемали“, а Општина Чаир ќе продолжи да го финансира организирањето на превозот за учениците од Визбегово до ООУ „7 Марси“ до крајот на учебната година – прецизираат од МОН.

Во меѓувреме, како што додаваат, МОН работи на трајно решение, преку вложување во образовната инфраструктура, односно изградба на целосно нов, современ училиштен објект во Визбегово, каде што од следната учебна година основците од оваа населба ќе го продолжат своето образование и повеќе нема да имаат потреба од превоз.

-Правото на образование е основно човеково и уставно загарантирано право, така што ниту една причина не може да биде доволно издржана за тоа да не се реализира. Секој предизвик може да се надмине со добра соработка помеѓу институциите на системот, а токму тоа денеска го потврдија Министерството за образование и наука и општините Бутел и Чаир – велат од МОН.

И градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски најави дека веќе од следната учебна година Визбегово ќе добие целосно нов, современ училиштен објект каде што учениците ќе продолжат непречено да ја следат наставата.
За проблемот што го имаат учениците од Визбегово, прв, минатата недела, алармираше градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу, кој меѓу другото информираше и дека во услови на економско-енергетска криза, Општината веќе не е во можност да го финансира превозот на речиси 500 ученици од други општини што учат во училиштата на територијата на Чаир.

Ганиу меѓу другото информираше и дека превозот на учениците што доаѓаат да учат во Чаир, оваа општина го плаќа од сопствени средства. Според Ганиу, станува збор за 6 милиони денари за секоја година и тоа ја продлабочило состојбата со долговите што ги имаат кон други оператори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот