Проблематичниот план на Бајден за предводењето на светот

Како го замислува Бајден враќањето на американското лидерство на глобалната сцена? Потпишувањето на огромниот трговски договор во Азија покажува дека светот се движи понатаму, без учество на САД

Владите ширум светот изучуваат една статија што се појави минатиот јануари, во угледниото американско списание „Фореин аферс“ (Foreign Affairs), со наслов: „Зошто Америка мора повторно да предводи?“. Авторот е извесен Џо Бајден.

Есејот на Бајден за надворешните работи жали што администрацијата на Трамп „абдицираше од американското лидерство“. Во есејот се ветува дека „агендата за надворешната политика на Бајден ќе ги постави Соединетите Американски Држави на чело на светската табела“.

Но, за новоизбраниот претседател е многу полесно да зборува за повторно воспоставување на американското лидерство, отколку тоа реално да го спроведе. САД денеска не се толку моќни како што беа порано. Едноставното враќање во меѓународните организации и иницијативи – какви што се Светската здравствена организација или Парискиот климатски договор – не ја става Америка „на чело на масата“.

Демократија во време на поделби

Цената за учеството во меѓународните преговори може да биде прифаќањето на одредени компромиси коишто не се многу популарни во Вашингтон. Не е јасно дали таа цена ќе ја прифатат американските политичари и гласачи.

Во Вашингтон, поимите „светски поредок предводен од Америка“, „либерален светски поредок“ и „поредок заснован врз правила“, честопати се чини дека се користат наизменично. Разбирлива е таа конфузија. Меѓународниот поредок што се создаде по Втората светска војна, во суштина, беше дизајниран од САД. Не е без причина што ММФ и Светска банка се со седиште во Вашингтон, а ООН е во Њујорк.

Распадот на Советскиот сојуз во 1991 година само ја засили хегемонијата на САД во светот.Доналд Трамп дојде на власт во 2016 година, тврдејќи дека меѓународните тела, каква што е Светската трговска организација, повеќе не работат за интересите на Америка. Тој тврдеше дека САД се изиграни и дека „глобалистите“ ги осиромашуваат обичните Американци.

Но, доколку ја отстраните Трамповската хипербола и параноја, под таа реторика се крие вистинска поента. Во свет во кој моќта е порамномерно распределена, поредокот заснован врз правила и светот предводен од САД не се една иста работа. Таа неразрешена тензија провејува низ пристапот на Бајден кон меѓународните односи.

Во својата статија во „Фореин аферс“, Бајден тврди дека „САД мора да го предводат светот“ во врска со климатските промени и ветува дека Америка „ќе свика самит на најголемите светски емитери на јаглерод“. Поединечниот најголем емитер е Кина.

Се чини речиси неверојатно дека Пекинг кротко ќе се согласи да се појави на самитот свикан од САД – на кој Бајден ветува да се „одредат извршни обврски што ќе ги намалат емисиите“. Реално, Кина, како и многу други држави, ќе инсистираат на тоа дека единствениот соодветен форум за климатски преговори се разговорите спонзорирани од ООН.

За среќа на администрацијата на Бајден, со следната конференција на ОН за климата ќе претседава пријателска земја – Велика Британија. Но, дури и да е така, ветувањето на новоизбраниот претседател за усвојување на извршни обврски за намалување на емисијата на штетни гасови не може да биде испорачано – особено во самите Соединети Американски Држави.

Американските партнери во преговорите ќе знаат дека Конгресот најверојатно ќе го каже последниот збор за какви било ветувања од страна на САД. Бидејќи републиканците веројатно сè уште ќе го контролираат Сенатот, администрацијата на Бајден ќе има проблем да ги испорача сопствените ветувања.

Слични проблеми се закануваат да го попречат ветувањето на новиот претседател за водечката улога на Америка во областа на трговијата. Бајден ветува дека ќе се спротивстави на „опасното глобално излизгување кон протекционизмот“. Но, тој знае дека непријателството на г. Трамп кон прашањето за слободна трговија им одговара на многу американски гласачи. Сомнежите кон новите трговски зделки ги надминуваат партиските поделби.

Во 2016 година, Хилари Клинтон беше принудена да го отфрли Транс-пацифичкото партнерство, далекусежен трговски договор за кој таа помогна да се испреговара, заради непријателство кон него во нејзината сопствена, демократска партија.

Решението што го нуди Бајден е ветувањето дека „синдикалните лидери и оние за животната средина“ ќе бидат присутни „на масата“ од почетокот на какви било идни американски трговски преговори. Но, тоа може да го забави напредокот кон нови трговски зделки до брзина на ползење. А, во меѓувреме, светот си оди напред.

Изминатиот викенд, лидерите на 15 азиско-пацифички држави – вклучително и Јапонија, Кина и Јужна Кореја – го потпишаа еден од најголемите договори за слободна трговија во историјата. Господинот Бајден и неговиот тим заговараат план за мобилизирање на американските пријатели за да возвратат на политиките на Кина.

Но, на теренот, се создаваат нови фактички состојби. Напорот на новоизбраниот американски претседател да соработува со сојузниците, наместо да ги предизвикува и злоупотребува, како што правеше Трамп, очигледно е добра идеја. Но, попријателскиот американски став не е гаранција за успех – дури ни во Европа. Европската Унија продолжува со плановите за зголемување на регулативата и оданочувањето на американските технолошки групи, како што се Гугл и Амазон. Администрацијата на Бајден, како и администрацијата на Трамп, веројатно ќе се спротивстави на многу од овие напори.

Раниот спор во Бајденовиот претседателски мандат околу зголемените технолошки даноци или новата регулатива на ЕУ може да ги издиши надежите дека е дојдено ново време за трансатлантско содружништво – или дека „американското лидерство“ е лесен одговор на компликуваните проблеми на глобалното управување.

Џон Икенбери, професор од Принстон, кој ја смисли фразата за „либералниот меѓународен поредок“, во својата нова книга (“A World Safe for Democracy”) сугерира дека идејата за либерален интернационализам треба да се оддели од американската хегемонија. Тој тврди дека за САД, „во ера на опаѓање на американската моќ, вредноста на соработката со другите либерални демократии треба да расте“. Тоа е веројатно точно. Но, тој аргумент можеби е полесно да надвладее на „Принстон“, отколку во Вашингтон, каде што прашањето на суверенитетот сè уште ревносно се брани. На Бајден ќе му биде тешко да ги убеди Американците дека САД можат да имаат корист од обновениот меѓународен ангажман, без автоматски да ја преземат лидерската улога. Сепак – на страна на позитивното – Америка повеќе нема активно да ги уништува глобалните институции. И самото тоа е доволна причина за огромно олеснување.

Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (21-22 ноември 2020) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот. 

Бајден ризикува да биде неефикасен претседател

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот