Проблем: Децата што ќе бидат испишани од градинките од Карпош, не се на список на чекање во Ѓорче Петров

Фото: МИА / илустрација

Од Општина Ѓорче Петров велат дека во градинките на нивна територија повеќе од 500 деца чекаат ред за во градинка и дека немаат реални информации колкав е бројот на деца што ќе бидат испишани од Карпош.

Се ближи рокот кога од детските градинки во Карпош ќе бидат испишани дечињата што не се жители на оваа општина за да се ослободи место за згрижување на најмалите карпошани од долгиот список на чекање за упис во градинка. Податоците велат дека за градинките чекаат 306 деца, а во нив моментално престојуваат 200 што се од други општини, најмногу од општината Ѓорче Петров.

Од Општина Ѓорче Петров велат дека во градинките на нивна територија повеќе од 500 деца чекаат ред за во градинка. Оттаму додаваат дека немаат реални информации колкав е бројот на деца што ќе бидат испишани од Карпош и дека се надеваат дека деновиве ќе ги добијат податоците преку непосреден контакт со општината. Но, според нив, проблем е и тоа што овие деца не се на списокот на чекање во градинките.

Тука се појавува проблем во нашето законско регулирање при прием, затоа што тие не се пријавени на списоците на чекање во системот во градинките во Ѓорче Петров. Голем дел од децата што се запишани во општината Карпош е по лична желба на родителите затоа што, меѓу другото, имаат во близина свои блиски, кои може да ги земаат нивните деца од градинките или нивните работни места се во близина на градинката – објаснуваат од Општина Ѓорче Петров.

Од локалната власт велат дека приемот во градинка се одвива по пат на електронска пријава и дека процесот во целост се почитува. Капацитетот на петте објекти на градинката „Росица“ е 730 деца, а во моментов во нив се згрижени 805 деца со одлука на Советот за зголемување на бројот во групите.

Планот за намалување на бројот на оние што чекаат е отворањето на новите три занимални во клонот „Детелинка“, кој ќе има опфат од околу 100 деца. Просториите можеа да бидат отворени уште пред пет месеци, но проблем е што МТСП сѐ уште не ни дава согласности за вработувања. Очекуваме до септември да биде отворена и новата градинка во Волково ако навремено добиеме согласности за вработувања. Таму ќе се запишат дополнително уште 200 дечиња – велат од Ѓорче.

Во предучилишните установи во Ѓорче Петров, како што прецизираат, има многу мал број, односно само 5 деца што се од други општини, затоа што предност имаат децата од Ѓорче.

Сметаме дека децата што се веќе запишани во Карпош, а се од Ѓорче Петров, не треба да бидат отпишани, туку ако веќе се држи општината на истиот став, сметаме дека треба од септември да не запишува деца од други општини. Според законската регулатива пропишана и поддржана од МТСП, родителите што во градинките во општината Карпош имаат склучено договори, треба да се придржуваат до нивните одредби – тврдат од Општина Ѓорче Петров.

 

Јакимовски: Сакавме да бидеме фер, но бевме фер на штета на најмладите жители на Карпош

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот