Пробајте го рецептот на Стефанија Несторовска: Пилешко со грашок со посебен шмек

Стефанија Несторовска/ Фото: Приватна архива

Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш знае да нѐ изненади, па и кога станува збор за навидум најобични јадења. Стефанија денеска ни приготви рецепт со состојки кои наголемо се застапени во македонската кујна – пилешкото месо, грашокот…

Едноставно, евтино, домашно јадење за секоја сезона во годината, а во овој случај имаме рецепт за месна варијанта на вариво од грашок. Со додавањето на суви пиперки му се дава посебен шмек на јадењето.

Состојки:

– 500 гр пилешки гради
– 1 ќесичка (450 гр) замрзнат грашок
– 1 кромид, исечкан на ситно
– 1 домат, исечкан на коцки
– 1 коцка за супа
– 2 лажички сол
– 1/2 лажичка бибер
– 2 лажички оригано
– суви пиперки (по желба)
– масло за готвење, (јас користев масло од грозје)

Подготовка:

Се загрева грил тава со малку масло за готвење. Во меѓувреме, се приготвува пилешкото. Се сечка на мали парчиња. Се додава на загреаната тава и се остава да се пропржи додека не добие убава златеста боја. Не мора да биде комплетно зготвено бидејќи ќе се доготви подоцна со грашокот. Се остава настрана.
Во друга, поголема тава, (а може и истата, ако грил тавата е доволно длабока да собере сѐ останато), се додава масло за готвење. Потоа, се додава исечканиот кромид и се остава да се пропржи, потоа се додава и исечканиот домат, се промешува и се остава уште една минута на загреаната рингла.
На крај, во истата тава се додава и замрзнатиот грашок (нема потреба да се одмрзнува претходно), се промешува, се додава и пилешкото, вода (отприлика во висина на сите состојки), коцката за супа и сите зачини. Се промешува убаво и се намалува температурата на многу ниско. (На мојата рингла од 9, на 3). Се додаваат и сувите пиперки одозгора, се поклопува со капак и се остава да се вари на тивко 1 час.
Готово е кога бојата на грашокот ќе се смени, кога водата е испарена и кога сѐ е убаво зготвено.
Супер идеја за оброк, затоа што е превкусно и кога е ладно. Може да стои во затворен сад, во ладилник од 2-3 дена.

Стефанија Несторовска/ Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот