Пробајте го рецептот на Дијана Иваноска за домашни њоки

Дијана Иваноска со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување. Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.
„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.
Инвентивната Дијана денеска споделува рецепт за едно гастрономско уживање – домашни њоки.

„Њоки се италијански тестенини што во својот состав имаат компири и брашно. Самите имаат неутрален вкус и се одлична подлога за кој било сос. Може да ги комбинирате со што ви душа сака. Пармезан, чери домати, печурки. Во самиот состав, освен основните брашно и компири, може да додајте и јајце, зачински билки, опциите се бескрајни. Овој рецепт е многу едноставен, посен со само три состојки. Задолжително пробајте ги“, порачува Дијана.
Состојки:
– 450-500 грама компири
– 300-350 грама брашно
– сол

Подготовка:
Сварете ги компирите. Излупете ги додека се врели. Изрендајте ги на ситно. Компирите може и да се испасираат. Јас ги рендав. Додајте сол по желба и додајте го брашното. Мерките не се прецизни. Додајте онолку брашно колку да добиете тесто кое ќе може да се работи без да се лепи на рацете.
Завиткајте го тестото во проѕирна фолија и оставете го да одмори 10 минути. Земајте парчиња од тестото. Формирајте долгнавести форми и исечете на мали парченца 2 до 3 см долги. Формирајте ги њоките. Може само да ги притиснете со прст на средина или поминете го секое парче на задната страна од виљушка за да ја добиете карактеристичната форма на њоки. Јас користев мала штица за њоки, бидејќи јас сум обожавател на кујнски гаџети. Формата, односно линиите на њоките служат да го задржат сосот на нив или со што и да се подготвени.
Зовријте вода и во неа спуштете ги њоките да се варат. Кога ќе испливаат на површината, готови се. Извадете ги со лажица цедалка.
Њоките може да ги испржите на малку маслиново масло додека поруменат. Додајте сос и додатоци по желба и уживајте.
