Признавам, другар Борисов – Слободен печат
Колумни

Признавам, другар Борисов

Видете, се ова беше за очекување, „патриотизмот“ е за домашна употреба, проамериканизмот и проевропеизмот се за надворешна. Истата е таа ВМРО-ДПМНЕ од пред 13 години, не е променета ни кадровски ни идеолошки, не е реформирана, а и зошто би се реформирала.

Хипокризија – тоа е епилогот од средбата на лидерството на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов во Загреб, опишан со еден збор. Седнат како исплашено дете кое направило беља и чека родителот да го искара, нашиот Мицко наспроти робусниот Бојко, така изгледаше средбата. Другарчињата отстрана само џавкаа тивко и климаа со главчињата секогаш кога Мицко ќе кажеше нешто.

„Многу ни е битно да знаеме дали нашата сестринска партија е на европскиот пат и ги поддржува договорите со Бугарија и Грција“, вели, односно прашува Борисов. „Како не“, вели Мицко, „па ние од 1991 година сме европски ориентирани, додека комунистите преточени во СДСМ се вртеа кон Русија и Србија, па јас со стипендија студирав во Италија, Аце беше во Стразбур, Влатче за жена има Американка, има ли поголем доказ од тоа“, одговара Мицко. Се надоврзува Влатче низ кикотење вели „да да, па јас сум пола Американец хахаха“. И така сите заедно му кажаа на Борисов дека ќе го „поткрепат“ добрососедскиот договор со Бугарија, ќе го „поткрепат“ Преспанскиот договор затоа што се тие европски настроени, како може некој да се сомнева во тоа.

И така овие европски настроени политичари не држеа 11 години надвор од Европа и НАТО јавно изразувајќи ставови дека Европа ќе се распадне, НАТО е фашистичка организација, ни треба сојуз со Русија, ни треба Евроазиски сојуз, ни треба активирање на втората точка од референдумот од 1991 година и таканатаму. Во меѓувреме, пак, тие комунистите од СДСМ што беа проруски и просрпски ориентирани нели, не внесоа во НАТО и не донесоа пред портата на ЕУ.

Видете, се ова беше за очекување, „патриотизмот“ е за домашна употреба, проамериканизмот и проевропеизмот се за надворешна. Истата е таа ВМРО-ДПМНЕ од пред 13 години, не е променета ни кадровски ни идеолошки, не е реформирана, а и зошто би се реформирала. Нема ниту една единствена причина партијата да се реформира. Ќе прашате зошто? Па поради членството, поради гласачите. Тие се тие кои и даваат насоки на партијата, тие се тие кои кажуваат преку бројки, проценти, дали партијата треба да се казни или да се поддржи. Тие истите гласачи нивни се како навивачи на фудбалски клуб, без разлика дали играат добро или лошо тие за нив навиваат, односно гласаат.

Ниту влага ниту излага од увото на вмровскиот гласач што тоа изјавил Мицкоски дома, а што надвор, или пак некој од членовите на партијата. Ниту ги интересира што партијата прави кога е на власт, што кога е во опозицизија, дали сме пред војна, дали сме со Русија или Европа, дали имаме за јадење или немаме.

Оттука е многу комотно да се биде лидер или дел од раководството на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, не треба да се грижите за ништо, вие минимум 300 илјади гласови имате на конто, нека му ја мислат другите. ВМРО ви е како Арсен Венгер (бившиот тренер на Арсенал) за кој Мурињо рече дека ја има најлесната работа на светот, 10 години без освоен ниту еден единствен трофеј, а никому ништо.

Споменав во минатата колумна, ќе спомнам уште еднаш. „Вмровскиот гласач на гласањето гледа како на обврска спрема партијата, а не спрема општеството и државата, односно како на граѓанска обврска. Вмровскиот глас не флуктуира и не апстинира, без разлика на политиките на нивната партија. Тој е дисциплиниран гласач кој секогаш гласа или не гласа во зависност како е наредено од партијата. ВМРО никогаш нема да биде казнет од вмровските гласачи без разлика на тоа колку катастрофални политики спроведуваат, тоа е всушност најголемата причина што ВМРО не може да се реформира“.

Ако во ова не сте убедени, погледнете ги бројките:

Парламентарни избори 1994, ВМРО решава да бојкотира, прва нивна антидржавна одлука, му дозволи на СДСМ неконтролирано да владее 4 години.

Парламентарни избори 1998, ВМРО добива 312 илјади гласови. Во овој период се случува војна, за малку да прерасне во граѓанска, а нивниот лидер предложуваше делење на државата. И како ова влијаеше на гласачите? Никако, кратко и јасно. Парламентарни избори 2002 освоија повторно 300 илјади гласа.
Парламентарните избори 2006 ја добиваат власта повторно со 300 илјади гласови, воспоставуваат режим кој трае до 2016 година. Што видоа нивните гласачи за време на 11 годишното владеење? Видоа антиквизација, видоа сваровски судство, видоа закани, убиства, затвори, видоа гласачи од Пустец, видоа фалсификат лични карти, видоа притисок да носат списоци на сигурни гласачи во партија, притисоци да се слика гласачкото ливче и да се носи во штаб, видоа Смилсковско Езеро, видоа Диво Насеље и што уште не. Како ги казнија? Ги казнија со тоа што на изборите 2016 им дадоа 450 илјади гласа. Ај да речеме дека сеуште беа институциите под нивна контрола па народот сеуште беше уценуван и под притисок, 3 години подоцна, на претседателските избори, сега веќе институциите ослободени, ВМРО-ДПМНЕ повторно доби 320 илјади гласови.

Да резимирам, и доколку Мицкоски јавно каже дека договорот од Преспа е најдобар, Гоце е Бугарин, ма каков Гоце и Мицко, и Аце и полуамериканецот Влатче, и сите се Бугари, на избори повторно ќе добие 320 илјади гласови минимум, тоа е проблемот, не е Мицкоски проблемот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Исто прочитајте

Close
Close