„Призма“: Џабир Дерала е новиот сопственик на порталот „Нова“

Џабир Дерала
Џабир Дерала / Фото: Скриншот, ЦИВИЛ медиа

Една година откако бизнисменот Владимир Стајиќ, газдата на „Супертрејд“, го купи порталот „Нова“, сајтот од него го купи главниот уредник на „Цивил медиа“ и на „Фронтлајн“, Џабир Дерала, објави „Призма“. Тој ја потврдил оваа информација за БИРН.

„Јас сум новиот сопственик на ‘Нова ТВ’ и со посебна чест го преземам тој предизвик“, изјавил Дерала и посочил дека порталот го купил како физичко лице.

Како што рекол тој, промената во Централниот регистар ќе биде направена на 31 август.

Причината за купување на „Нова ТВ“, покрај сопствеништвото врз „Фронтлајн“ преку компанијата „Шорткат“ и раководењето со „Цивил – медиа“, Дерала ја објаснил со „поширока замисла во која ќе бидат ангажирани уште новинари“.

„Откако ќе се преструктурираме, еден дел од постојните новинари ќе бидат ангажирани во ‘Нова ТВ’“, објаснил тој.

Во медиумските кулоари се пласираа информации дека паралелно со купопродажбата на „Нова“, на постојните новинари во „Фронтлајн“ им се делат откази. Дерала ова го демантирал.

„Нема откази. Спогодбено се разделуваме со двајца/тројца од тимот“.

Причината е, како што рекол, разидување околу работните обврски. Дерала најавил ангажирање на уште најмалку четворица новинари.

Поранешниот сопственик на „Нова“, пак, Владимир Стајиќ, за БИРН изјавил дека медиумот го продал поради „економски причини“ и дека не се снашол во медиумскиот бизнис, па продолжува со неговиот примарен бизнис со нафта.

По ланската промена на чело на уредничкиот тим застана новинарката Мирјана Трпческа. Кратко потоа на истата позиција дојде Соња Крамарска.

Во првите десетина дена од почетокот на август, порталот престана со објавување вести, а продолжи во последниве денови.

„Нова ТВ“ е портал што го формираше тим новинари на затворената А1 телевизија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот