Привршува откупот на вишокот тутун, се прави план за новата реколта

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Привршува откупот на вишокот тутун, проценет на 1.500 тони, за што се продолжи рокот до крајот на март. Прилепскиот тутунски комбинат од 700 тони презел 60 насто, а купуваат уште пет фирми, вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот.

– Се откупува вишокот тутун. И денеска, а остануваат до крајниот рок уште три работни дена од понеделник до среда. Со податоците од вчера, откупени се вкупно 26.200 тони тутун. Останува да се купува денеска, и во понеделник, вторник и во среда. Мислиме дека ќе се преземе сиот тутун. Моментално откупуваат: Прилепскиот тутунски комбинат, „Секе”, „Алијанса” од Кавадарци, „Сокотаб” од Битола, „Мисиријан” и „Пашоски”.  Немаме прецизни информации колку се откупени од вишокот тутун, но убедени сме дека до среда, 31 март, ќе бидат откупени сите количества – изјави Стомнароски.

Координаторот на четирите новоформиранит здруженија на тутунарите Игор Мирчески и Стомнароски, претседател на Сојузот, се согласни дека има реакции на процената и на висината на одбитоците.

– Тутунарите на откупните пунктови чекаат во редици да го предадат својот род. Ако се знае фактот дека за неколку дена завршува овој продолжен рок за откуп, кај нив се зголемува тензијата. Процената на фирмите е катастрофална. Само родот од прва класа врв, се купува во тројка, а сите останати берби се преземаат во четврта класа со високи одбитоци, над 20 проценти. Тажна е сликата да се предава родот за 60 до 70 денари – вели Мирчески.

Стомнаровски вели дека има реакции на тутунарите за процената и висината на одбитоците.

Ние реагиравме и до Министерството за земјоделство и до земјоделскиот инспекторат. Од нивна страна и од откупувачите беше кажано дека претежно е останат тутун од првата берба и скапаниот тутун и затоа одбитоците биле повисоки и цената е таква каква што е. Инспекторатот е на терен, но немам податоци колку и какви забелешки и реакции има – изјави Стомнароски.

Паралелно, во тек е склучувањето договори за новата реколта по исти цени и со намалени количества. Извесно е, а и министерот за земјоделство Хоџа нагласи, дека новата реколта се ограничува на 21.000 тони. И новите здруженија и Сојузот бараат дебата и државата да го задолжи министерството за земјоделство да реши што ќе посадат оние кои нема да бидат тутунари. Според Мирчески, мора да има програма.

– Испративме отворено писмо до владата, до откупувачите, до Министерството за земјоделство, до катедрата на земјоделскиот факултет, до Институтот за тутун, да се организира јавна расправа за да се решат проблемите за новата реколта. Во спортивно, ќе бидеме сведоци за уште една промашена година за тутунарите. Апелираме институциите сериозно да ја сфатат нашата иницијатива и да се каже што да работат тутунарите, ако веќе не може да склучат договори за новата реколта тутун, бидејќи откупувачите излегоа со пресметки дека новата реколта ќе тежи само 21.000 тони. Ако се знае фактот дека секоја година се произведуваат околу 25.000 тони, и в година ќе дојдеме до ситуација да има 4.000 тони вишок тутун и може да наидеме на иста, тешка реколта. Сега договорите се потпишуваат на иста цена, но со намалени количества и многу тутунари ќе останат без договори. Затоа, бараме дражвата да го задолжи Министерството за земјоделство, да најде начин, да се направи програма што да работат овие тутунари кои ќе останат без договори. таа трансформација и тие обуки да ги изврши министерството за земјоделство за да не лутаат тутунарите, самоиницијативно да садат други култури. Слушам мноу ќе се префрлат на производство на пиперка, па наредната реколта да имаме проблем со производството и пласманот на пиперките, вели Игор Мирчески, координатор на четирите новоформирани здруженија.

Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија нагласува дека и оттаму се бара јавна расправа, а министерството треба да направи реонизација на производството.

– Договарањето е при крај. Оваа година ќе се склучат договори за 21.500 тони. И ние, како Сојуз на земјоделски здруженија имаме побарано од Министерството за земјделство и имаме добиено ветување дека по завршувањето на откупот, ќе седнеме на заедничка маса со откупувачите, со Министерството и со Комисијата при министерството за оние наши барања кои ги имавме со измена на Правилникот за откуп на тутунот и за измена на некои законски одредби кои, сметаме, оваа година правеа проблем. И ние побаравме да има количества како лани, но откупувачите беа категорични дека ќе купат онолку колку што може да продадат. Но, за да нема вишок, сметам дека Министерството за земјоделство треба да направи реонизација. Во оние реони каде може да се сади друга култура, да се сади, а онаму каде успева само тутунот и луѓето живеат само од тутунопроизводство, треба да им се склучат договори и да им се откупува тутунот, зашто тоа им е единствена егзистенција – објаснува Стомнароски.

Сите тутунарски асоцијации сакаат сигурно тутунопроизводство, без проблеми за пласманот и за откупот

Видео на денот