Приватните со закон ќе мора да ги кастрат цените?

Фото: Драган Митрески / Слободен Печат

Ќе се измени Законот за здравствена заштита за да се ограничи паричниот износ што ќе го плаќаат ковид-пациентите во приватните болници за времетраењето на кризата, изјави вчера министерот за здравство Венко Филипче.

Тој додаде дека до Владата предлогот ќе биде доставен веднаш, а со него се очекува да се ограничи максималната сума што ќе ја плаќаат оние на кои ќе им биде потребна хоспитализација и во приватното здравство.

– Го слушнавме апелот на граѓаните, сепак е криза, има потреба да се користи и тој болнички капацитет – рече министерот Филипче.

Апасиев: Ова е наша заслуга

Димитар Апасиев, лидер на „Левица“, за „Слободен печат“ вели дека и неговата партија во Собранието ќе предложи да се ограничат цените во приватните клиники за третирање на болни од ковид-19, и тоа на начин на кој цените би се свеле на референтните цени на Фондот за здравство, и тоа не само за хоспитализацијата, туку и за приватните лаборатории што вршат ПЦР-тестирање.

– Овој предлог ќе го поднесеме независно од владиниот, затоа што сметаме дека ова е наша заслуга и дека Владата само сака да ја земе заслугата. Во членот 55 од Уставот е наведено дека државата може за здравството да ги ограничи цените иако министерот за здравство тврдеше дека пазарни се цените во приватните болници и не може да ги ограничи. Ќе го почекаме нивниот, ама во нашиот предлог ќе биде предложено референтните цени од јавното здравство да се еквивалентни на тие во приватното додека трае кризата – ни рече Апасиев.

Според предлогот на „Левица“, приватните болници, исто како и државните, би требало да имаат исти цени за хоспитализација. Според нив, болничко лекување на ковид-пациенти на механичка вентилација подолго од 15 дена, не смее да надмине 305.500 денари. Хоспитализација до пет дена на универзитетска клиника не смее да надмине 41.125 денари, од 6 до 10 дена 82.250 денари, од 11 до 15 дена 141 илјади денари, а над 15 дена 211.500 денари.

Приватните болници со кои контактиравме велат дека не се информирани дека ќе им биде ограничена максималната сума што ќе може да им ја наплаќаат на пациентите, но дека сметаат оти ова не е можно, затоа што нивните трошоци се големи, а пациентите ги третираат со оние методи што му се потребни на секој пациент засебно.

Имунизацијата ќе продолжи со 2.000 кинески вакцини

Министерот Филипче вчера соопшти дека со две илјади кинески вакцини ќе почнат да се вакцинираат граѓаните по возрасни групи, односно и помладите од 75 години, откако тие од софискиот аеродром ќе бидат транспортирани во Македонија.

Досега во земјава се вакцинирани повеќе од 25 илјади граѓани. Министерот рече дека целосно се вакцинирани припадници на АРМ, МВР, вработените во училиштата и негувателките. Хронично болните ќе бидат вакцинирани според нивната возраст, приоритетно највозрасните, а потоа помладите. Лекарите апелираат, граѓаните откако ќе се вакцинираат, да продолжат да ги почитуваат превентивните мерки, затоа што имунитетот се создава неколку недели по втората доза.

Викендов имало помалку хоспитализации, но проблемот е во подолгото болничко лекување отколку што тоа беше случај во претходниот бран.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот