Приватните превозниците не сакаат повторно да се „изгорат“: Никој не се пријавил и на вториот јавен оглас на Град Скопје

Гужва во ЈСП автобус по штрајкот на приватните автобуси / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Откако пред една недела истече првиот јавен оглас кој Град Скопје го распиша и со кој бараше превозници на линиите 20 и 22, денеска заврши и вториот, за линиите 9, 11 и 12. И на двата, како што  дознаваме, не се пријавил ниту еден заинтересиран. Тоа значи дека и понатаму ќе продолжат проблемите на скопјани со јавниот градски превоз, кој во моментов го врши ЈСП со многу помалку автобуси отколку што му се потребни на градот.

Превозниците од здруженијата „Макекспрес“ и од „Слобода превоз“ си достојаа на зборот и ниту еден од нив не се пријави на огласот, „изгорени“ од досегашната соработка со Град Скопје и од долгот кој кон нив го има ЈСП „Скопје“, а кој уште не е исплатен.

Ниту еден од возачите на „Слобода превоз” не се пријавил во новите повици на Град Скопје за приватни автобуски превозници. Сега чекаме средба со премиерот Димитар Ковачевски и се надеваме дека тоа ќе биде во најбрзо време, вели Кемал Муриќ од „Слобода превоз“.

Поради средба со премиерот, превозниците пред речиси два месеци ги тргнаа блокадите од улиците. Средбата сѐ уште не се одржала, затоа што Ковачевски уште не ги добил записниците од УЈП, чија содржина одамна ја објавија самите превозници. Нивното трпение е при крај.

При крај е и трпението на возачите од ЈСП, на кои, според неофицијалниот разговор со еден од возачите, повторно им доцни платата и не е исклучено повторно да излезат на протест.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, неодамна на прашањето дали има пријавени на јавниот повик на Град Скопје за приватни автобуски превозници, рече дека не се пријавил никој, но нагласи дека Градот може и без приватни превозници.

Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа на јавниот превоз, ќе влеземе во процедура и за набавка на нови автобуси, на нови еколошки автобуси, нешто кое што е поддржано и од Советот на Градот Скопје за следната година и со самото тоа што беа повикани да се јават на огласот како превозници домашните правни лица и да си ја работат оваа работа ако сакаат чесно, а никој не се пријавил тоа кажува многу – рече Арсовска.

Од оваа временска дистанца несериозно звучи изјавата на секретарот на Град Скопје Зоран Глигоров, кој веднаш после објавувањето на огласот за превозници на линиите 20 и 22 се пофали дека има голема заинтересираност за пријавување.

Сакам да укажам дека има огромен интерес од страна на заинтересирани лица односно од лица кои и до сега возеле одредени линии. Во однос на јавниот повик, тој е отворен и ги нуди сите опции и нема ограничувања – рече Глигоров.

Во меѓувреме, на улиците во главниот град сериозно недостасуваат автобуси. Трпението на граѓаните секојдневно се искушува откако тие по половина час и повеќе стојат на станиците чекајќи го автобусот што ќе ги однесе во саканиот правец. Во автобусите поради тоа е гужва, преполни се со патници, дисплеите на станиците не го покажуваат точно возниот ред, автобусите се нередовни – и валкани.

Од ЈСП, со своите капацитети се обидуваат да го надоместат отсуството на приватните превозници, но тоа тешко се постигнува во услови кога на терен недостасуваат стотина возила. Надежта на граѓаните беше дека на двата јавни огласи ќе се пријават превозници за да се реши проблемот. Според последните случувања, проблемите на скопјани што користат јавен градски превоз уште долго ќе траат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот