Приватните болници направија паралелен систем за тестирање на коронавирус

Нивно вклучување во системот на јавно здравство најави министерот Филипче, но тоа се уште не е реализирано. Неофицијалните информации велат дека овие лаборатории не ги исполнуваат сите потребни услови, но нејасно е како тогаш таму воопшто се прават тестирања.

Институтот за јавно здравје се обидува да ги прошири капацитетите за тестирање на коронавирусот, па наместо 100, да може во период од 24 часа да прави од 150 до 170 тестирања, а Министерството за здравство се обидува да најде други лаборатории во кои би можеле да се прават тестирања за да може да се тестираат поголем број луѓе кои се сомнителни за коронавирус. Но додека да се воспостави јавно-здравствениот систем кој ќе може да одговори на реалните потреби за тестирање на новиот вирус, приватните болници веќе на големо ги тестираат граѓаните.

Една болница овие тестирања ги прави десетина дена. Таа издаде упатство во кое на пациентите им дава насоки како сами да си земат брис од грло и од нос и потоа трето лице, а не тој кој што е сомнителен на коронавирус, да го однесе во пункт пред самата болница. Тестирањето чини 1.500 денари. Каков вид на тестови се прават не се објаснува.

Тестирања почна да прави и друга болница. Тестирањето се врши со претходно закажување термин преку телефон. Пациентите кои ќе дојдат на тестирање треба да носат заштитна маска. Тестот кој се користи е хроматографски тест за детекција на антителата кои се создаваат од коронавирусот во телото. Тестирањето е преку земање примерок од крв, а процедурата на тестирање не трае подолго од 10 минути. Цената на ова тестирање изнесува 1.200 денари.

Пациенти сведочат дека, откако неколку дена не можеле да дојдат на ред за тестирање во ИЈЗ, одат во приватните болници каде од џеб си плаќаат за тестирањето.

Министерот за здравство Венко Филипче објасни дека во Институтот за јавно здравје се прават два вида тестови. Со едниот се открива дали во земениот пример има ДНК од вирусот, а со другиот се бараат антитела. Светската здравствена организација издаде препорака да се тестираат што повеќе пациенти кои се сомнителни на коронавирус, за да може тие порано да се излозираат и да се спречи ширење на болеста. Филипче рече дека во ИЈЗ се прават околу 100 теста во период од 24 часа и дека е можно и лаборатории во други институции да се вклучат во правењето на овие тестови. Меѓу нив беше спомената лабораторијата на Ветеринарниот институт, како и оние во приватните болници.

Од Министерството за здравство велат дека се уште се истражуваат можностите, односно дека нема одлука каде пациентите на друго место би можеле да направат тест за кронавирус без да платат. Според неофицијалните информации, приватните болници не ги исполнуваат мерките за заштита од лабораториско ширење на инфекција, поради што и се уште не се вклучени во системот. Но нејасно е како тогаш таму воопшто се прават овие тестови. Од Министерството за здравство нема одговор на прашањето дали овие лаборатории се акредитирани за вакви анализи како што е таа во ИЗЈ.

Засега нема објаснување ниту по која цена би се плаќале овие тестирања на приватните болници, бидејќи тие на пациентите им наплаќаат по 1.200 односно 1.500 денари, додека кај Фондот за здравствено осигурување на ИЈЗ му плаќа 4.950 денари. Исто така, надлежните треба да објаснат дали овие тестови се различни, односно кој и на кои пациенти се прават.

Засега е познато дека во јавното здравство треба да стасаат 20.000 тестови кои треба да дојдат како донација од Кина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот