Приватниците уценуваат, навредуваат и прават привид на хаос, вели Арсовска – затоа не преговарала

Протест на приватните автобуски превозници / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

„Вистината не е на нивна страна и затоа уценуваат и навредуваат“, изјави вечерва скопската градоначалничка Данела Арсовска, коментирајќи го проблемот со приватните автобуски превозници во Скопје.

„Нема да се подлегне на закани и уцени“, рече Арсовска во „Топ тема“ на „Телма“ околу тоа дали ќе има договор со приватните превозници, кои дадоа рок до петок или повторно ќе го блокираат сообраќајот во главниот град.

Таа порача дека полицијата е одговорна да го регулира сообраќајот и дека „има позадина тоа што некој сака да направи привид на хаос“.

-До каде ќе стигнеме ако секој што има возило или автобус излезе и блокира. Секој ќе си го дозволи истото. Овој проблем бара системско решение кое изгледа некому не му одговара, рече Арсовска.

Таа ги отфрли обвинувањата на приватните превозници дека ЈСП им должи милион евра и праша зошто, ако е така, не е поднесена опомена пред тужба. Градоначалничката смета дека тоа неподнесување е „индиција за нешто”.

Арсовска рече дека ЈСП им има исплатено околу 156 милиони денари на приватните превозници – 111 милиони на „Слобода превоз” и 45 милиони на „Макеспрес” и дека од 2018 во приватните автобуси не се продавале билети.

„Детектирани се состојби кои не соодветствуваат со тоа што е на терен и затоа ќе има сериозна истрага и ревизија. Има институции, како УЈП и Финансиската полиција, кои се надлежни за тоа“, додаде градоначалничката.

Таа посочи дека со новиот јавен повик за приватните автобуски превозници, кој го најави Град Скопје, ќе може да се пријават „тие што сакаат да работат и чесно да заработуваат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот