Притвор за возачот што ја предизвика сообраќајката со човечка жртва во Ново Лисиче

Скопскиот Кривичен суд денеска му одреди притвор во траење од 30 дена на 21-годишниот скопјанец Т.М., кој вчера на булеварот „Видое Смилевски Бато” во Скопје предизвика сообраќајка со смртни последици.

– Ја информираме јавноста дека осомничениот Т.М. беше спроведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, кој по произнесување на осомничениот и обвинителот во однос на предлогот, донесе решение со кое го прифати предлогот и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, заради постоење на основите од член 165 став 1 точки 1, 2 и 3, односно „опасност од бегство”, „влијание на сведоци” и „попречување на истрагата”, како и можност да го повтори делото, соопштија од Кривичниот суд Скопје.

Според описот на Јавното обвинителство, околу полноќ меѓу 25 и 26 јануари, осомничениот управувал автомобил „Рено Меган” со скопски регистарски ознаки на булеварот „Видое Смилевски Бато” во Скопје во насока од запад кон исток. Притоа тој не се придржувал кон сообраќајните прописи, односно автомобилот се движел со брзина поголема од 50 километри на час, колку што е максимално дозволена во населено место, и го управувал возилото под дејство на алкохол со концентрација од 0,57 промили алкохол во крвта.

– Кога се приближил до крстосницата со сервисна улица што води кон трговскиот центар „Лиса”, тој навлегол во крстосницата на вклучено црвено светло кое означувало забрана за минување во неговиот правец на движење. Со предниот дел на возилото осомничениот удрил во страничниот лев дел на автомобил „Фолксваген Поло” со скопски регистарски ознаки, кој се движел од сервисната улица кон булеварот, се наведува во соопштението.

При несреќата, возачот на „Полото” се здобил со тешки телесни повреди и починал на лице место, а неговата 15-годишна ќерка, сопатничка во автомобилот, се здобила со тешки телесни повреди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот