Притвор за битолчанка, го уценувала поранешниот љубовник со компромитирачки фотографии

обвинителство ојо

Таа го уценувала оштетениот дека доколку не и ги даде парите ќе испрати компромитирачки фотографии од него на неговото семејство и ќе ги објави на социјалните мрежи со цел да ги наруши неговите чест и углед.

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 34-годишна битолчанка, поради основано сомнение дека го сторила кривичното дело – Уцена од член 259 став 1 од Кривичниот законик.

Во периодот од 15 јануари до 11 март, осомничената со намера да се стекне со противправна имотна корист, во повеќе наврати му се јавувала на оштетениот со кого претходно била во љубовна врска, барајќи парични средства во висина од 20.000 евра. Таа го уценувала оштетениот дека доколку не и ги даде парите ќе испрати компромитирачки фотографии од него на неговото семејство и ќе ги објави на социјалните мрежи со цел да ги наруши неговите чест и углед. Продолжувајќи со  истите закани и уцени, на 10 март 2020 година, осомничената го  контактирала оштетениот преку апликациите Viber и WhatsApp, при што побарала од него да и исплати 13.000 евра, намалувајќи ја сумата за 7.000 евра.  Откако оштетениот не се согласил, осомничената испратила компромитирачка фотографија на мобилниот телефон на неговата сопруга. Потоа му се јавила на оштетениот и побарала од него следниот ден, на 11 март во 14:00 часот, да и донесе 1200 евра  во хотел во Скопје, а остатокот од побараните 13.000 евра  да и бидат исплатени до крајот на неделата. Осомничентата се заканила на оштетениот дека доколку не и донесе пари, фотографиите овојпат ќе ги испрати на неговото дете и ќе ги објави на социјалните мрежи.

По пријава од оштетениот, обвинителството во соработка со полицијата презеде оперативно технички мерки со цел документирање на настанот. На договорената средба на 11 март во 14:00 часот, осомничената од оштетениот ги зела паричните средства – претходно  крим-технички обработени од ЕУМНА при СВР Скопје, по што полициските службеници ја лишиле од слобода.

Во насока на обезбедување непречено одвивање на кривичната постапка, а поради опасност осомничената да се крие или да се даде во бегство, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави  предлог за определување на мерката притвор за осомничената.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот