Притиснати од пандемијата Германците им се вратија на старите пороци, цигарите и алкохолот

Германците за време на пандемијата повеќе пушат и пијат алкохол/ фото: EPA/ANDREAS GEBERT

Строгите изолации ја зголемија потрошувачката на цигари и на алкохолни пијалоци, наспроти мерките за затворање на баровите и ноќните клубови

Пандемијата на коронавирусот го зголеми бројот на пушачи во Германија, покажа истражувањето на Дебра, организација која ги истражува навиките на пушачите.

Дури 31 отсто Германци постари од 14 години се пушачи, што е за 4 отсто повеќе од 2019 година.

Првиот човек на Дебра, Даниел Коц, тврди дека пандемијата поттикнала многумина поранешни пушачи да му се вратат на стариот порок.

– Дали луѓето земаат цигари поради стрес, коронавирус или пандемијата, можеме само да нагаѓаме – вели Коц.

Тој смета дека овој тренд е поттикнат и од работата од дома бидејќи така пушачите немаат ограничувања. Но, загрижува податокот дека сѐ повеќе млади Германци стануваат пушачи.

Германија од 1 јануари, прв пат по седум години, ја зголеми акцизата на тутунските производи. Кутија цигари сега е поскапа за 10 центи, во 2023 година ќе биде за уште 10 центи, а во 2025 и во 2026 цената ќе биде зголемена за по 15 центи.

Овој потег на владата е со цел да се намали бројот на пушачи, иако во буџетот се слеаја околу 15 милијарди долари од даноците на тутунските производи. Целта на властите е да ги достигнаат бројките на Обединетото Кралство, каде што пушат само 15 отсто од луѓето постари од 14 години. Улога во тоа има и цената на цигарите. Кутија брендирани цигари во Обединетото Кралство чини околу 13 евра, а во Германија е двојно поевтина.

Годишно во Германија како последица од цигарите умираат по околу 125.000 луѓе што е за 12.000 повеќе од бројот на починати од ковид-19 од почетокот на пандемијата. Медицински истражувања покажаа дека 13 отсто од смртноста на Германците е поради пушењето, а една четвртина од нив се во групата работоспособни лица.

Друго истражување покажува дека продажбата на алкохол во Германија остана иста како и пред пандемијата, наспроти ограничувањето на бројот на гости во ресторани и во барови.
– Со забраната за излегувања во ресторани мораше да се намали просечната потрошувачка на алкохол, но таа сепак остана стабилна – смета Фалк Кифер, директорот на Централниот институт за ментално здравје во Мајнхајм.

Тој смета дека Германците ги продолжиле „пијанките“ во своите домови.
– Тие што редовно конзумираа алкохол, сега повеќе пијат, на пример поради осаменост, досада или загриженост. Станува збор за 25 отсто од возрасните Германци – додава Кифер.

Студија на Универзитетската болница во Нирнберг со која биле опфатени околу 2.000 испитаници покажа дека за време на првото затворање поради пандемијата 37 отсто пиеле повеќе алкохол отколку претходно, а 21 отсто намалиле со алкохолот.

 

Видео на денот