Пристигнати повеќе од 5.500 апликации за поддршка на проекти од културата

Вкупниот буџет за културата во 2020 година е 3,46 милијарди денари, од кои 980,1 милиони денари се за дејностите од културата. 

Комисиите во Министерството за култура ги разгледуваат пристигнатите апликации на конкурсите за Годишната програма за поддршка на проекти од културата од национален интерес во 2020 година. Пристигнале повеќе од 5.500 пријави на објавените годишни конкурси, од кои над илјада се пријави од 60-ина национални установи од културата што функционираат под надлежност на Министерството за култура.

– Стручните комисии веќе интензивно работат на разгледувањето на пристигнатите апликации на конкурите за Годишната програма. Сакам да потенцирам дека и годинава ќе бидат поддржани издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негува и поттикнува културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Инаку, процентот на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите ќе биде во согласност со средствата предвидени за финансирање проекти од национален интерес во Буџетот за 2020 година и бодирањето на стручната комисија од областа, изјави за МИА Фатон Фазлиу, шеф на Кабинетот на министерот за култура.

Додаде дека сите учесници на конкурсите  ќе бидат известени за резултатите во согласност со Законот за културата, а резултатите од конкурсите ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за култура. Објавените резултати, кои се очекуваат на крајот на месецов или на почетокот на февруари, ќе содржат информации за носителот на проектот, назив на проектот и одобрените средства за негова реализација.

Дејностите во кои се распределени апликациите што се разгледуваат комисиски се за литература и издаваштво, драмска дејност, сценско-уметничка и фолклорна дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн, интердисциплинарна дејност, меѓународна дејност, евроинтеграции, дејност за заштита на недвижно културното наследство и аудиовизуелни добра, музејска дејност и нематеријално културно наследство и библиотечна дејност.

Вкупниот буџет за културата во 2020 година е 3,46 милијарди денари, од кои 980,1 милиони денари се за дејностите од културата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот