27.8 C
Скопје

Приоритет за умирање

Ајде да направиме споредба, колку пратеници и владини советници починаа од коронавирус, а колку хронично болни и луѓе со ретки болести ја изгубија битката со ова чудовиште?

По многу најави и исчекување во Македонија конечно пристигна една поголема пратка вакцини против ковид-19 со која може да се каже дека почна масовната имунизација на населението. Сепак, 200 илјади вакцини се повеќе од 20 илјади донирани вакцини со кои министерот Филипче претходно го означи стартот на овој процес.

И како што се очекуваше и најавуваше, премиерот Зоран Заев, министерот Венко Филипче, спикерот Талат Џафери, се наредија меѓу првите кои се вакцинираа со вакцината на кинеската „Синофарм“. Злите јазици побрзаа да искоментираат дека преку ред седнале да се боцнат, но простор за коментари тука нема. Нормално е челните луѓе во државата да се имунизираат меѓу првите и да бидат пример за населението, особено кога знаеме дека од почетокот на пандемијата голем број луѓе хистерично пласираат секакви теории на заговор поврзани со коронавирусот и вакцините.

Нејсе. Челните луѓе се вакцинираа, но први во ред застанаа и некои други, оние кои цело време во текот на пандемијата не видоа зима. Пратениците и владините советници. По кој приоритет тие застанаа први во редот за имунизација се уште не ми е јасно, ниту мене, ниту на македонската јавност. Дали според оние приоритети за кои министерот Филипче секојдневно труби дека се почитуваат и дека ќе нема отстапки од нив?

Тоа се истите приоритети кои ги оставија хронично болните и луѓето со ретки болести и понатаму да живеат во неизвесност и страв за своето здравје. Приоритетите на Филипче одлучија дека поважни се пратениците и советниците отколку хронично болните.

Ајде да направиме споредба меѓу овие две групи луѓе. Пратениците буквално во текот на оваа пандемија покажаа и докажаа дека не се достојни да го претставуваат народот кој ги избрал. На седници одат кога сакаат, не ги интересираат маките на граѓаните, дали некој зел плата или дали некој има пари да се прехрани. Овие пратеници покажаа и докажаа дека најважни им се политичките поени кои ги добиваат со терање магарешки инаети на грбот на граѓаните. Замислете, Собранието не можело да функционира затоа што пратениците заболувале од коронавирус и немало кворум за седници? Не, Собранието не може да функционира затоа што на пратениците таков им е ќеифот. На седници не можат да одат, ама побрзаа пред „Борис Трајковски“ да примат вакцина и да заземат место на хронично болните. Па уште и се пожалија дека биле дискриминирани и немале избор за вакцина.

Да ги видиме оние другите, владините советници, на кои не им се знае бројот. Од оние што се пофалија на Фејсбук дека се вакцинирале, видовме дека се претежно млади луѓе, а некои од нив дури и го прележаа вирусот и имаат антитела. Но, според Филипче, тие биле критична инфраструктура, биле на исто рамниште со медицинските лица, пожарникарите и наставниците!?

Ајде сега да направиме споредба, колку од овие пратеници и владини советници починаа од коронавирус, а колку хронично болни и луѓе со ретки болести ја изгубија битката со ова чудовиште? Само јас имам двајца блиски луѓе од оваа категорија кои починаа. Млад татко на 32 години болен од астма и млада мајка на 45 години со автоимуно заболување.

Споредба нема, ниту пак може да се направи. И сега хронично болните ќе чекаат да бидат повикани некој ден, кој ден не се знае, затоа што се повеќе се засилуваат шпекулациите дека луѓе преку ред се вакцинираат. Ќе умираат, кој од ковид, кој од стресови и паника да не заболи. Но ќе чекаат. Затоа што тие не го советуваат премиерот и не седат во кожните собраниски фотељи. Тие не живеат на грбот на граѓаните. Затоа и имаат приоритет, да заболат и да се молат да преживеат.

Поврзани вести

ФОТО | Вистинско уживање! Се кандисавме за Охрид, бендисавме и топло препорачуваме: Кај Маја и Душица на домашни специјалитети од кои ќе ви се отворат сите чакри

Јасмина Кантарџиева Димков

Германското МВР потврди: Слободен влез за македонските граѓани од 20 јуни

Слободен печат

ФОТО: Барате викенд уживанција? Во Барово гостите спијат во вински буриња, гушнати со природата

Ј.К.Д.

Совет на ЕУ: Проширена листа на земји чии државјани немаат ограничувања за патување

Слободен печат

Британските лекари го идентификуваа индискиот сој на новиот коронавирус како најопасен и заразен

Слободен печат

Пандев и Ангеловски го прекршија протоколот на УЕФА, беа на вечера со семејствата

Слободен печат

Остави Коментар