Принципи, калкулации и интереси

Марин Гавриловски, Фото Архива

Два настана од минатата недела го означија почетокот на пукањето на шавовите на монолитноста на СДСМ, манифестирана на неодамнешните први внатрепартиски избори (со еден кандидат) на кои убедлива победа „извојува“ Зоран Заев.

Првиот настан беше изјавата на Радмила Шекеринска дека нема повторно да се кандидира за заменик-претседател на партијата. Оваа вест беше изненадување за поголемиот дел од аудиториумот што ги следи политичките збиднувања во земјава, бидејќи една од основните константи на Шеќеринска е нејзината позиција во врвот на партијата. Се менуваа влади, СДСМ беше во опозиција или на власт, а Шеќеринска секогаш беше или прв или втор човек во партијата. Познавачите на приликите забележуваат дека нејзините постапки секогаш биле добро обмислени и претходно планирани, а базирани на прогнозите за тоа што ќе се случува во иднината.

Една од претпоставките е дека нејзиното повлекување од партиската функција е предизвикано од несогласувањето со политиката (пред се кадровска) на претседателот на партијата и премиер Заев и чувството дека тој, полека, ја губи поддршката на електоратот, која во крајна линија би се огледала во слабиот резултат на локалните избори. Со цел да биде исклучена од екипата која евентуално би постигнала слаб резултат на изборите, Шекеринска на време се повлекува од играта за да може по локалните избори необременета од изборен пораз повторно да заземе некоја од раководните позиции во партијата.

Другата претпоставка е дека Заев јасно им ставил на знаење на Радмила и на Оливер дека на претстојниот конгрес сака да изврши кадровски промени во раководството на партијата и дека во идното раководство не ги гледа нив, па Шекеринска, со вешт маневар својствен за нејзиното политичко искуство, решава да се повлече пред да биде сменета.

Тренирање строгост

Вториот настан е изјавата на директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски дека нема да се согласи во неговата институција да бидат вработени 35 Албанци кои согласно Рамковниот договор веќе подолг временски период седат дома и ги трошат буџетските средства на граѓаните само затоа што и припаѓаат на една етничка заедница. Принципиелниот став на Пауновски е дека наведените лица се со несоодветно образование и амбиции да го работат она што тие сметаат дека треба да го работат и во деловите од земјава (Западна Македонија) во кои веќе е пополнет бројот на инспектори. Заев, изненаден од одлуката на Пауновски, експресно најави негово разрешување по принципот „тренирање строгост“, без притоа да ги постави прашањата: дали навистина постои реална аргументација за одлуката на директорот на ДПИ и дали можеби може да се најде некое посоодветно решение за прераспределување на овие лица?

Оваа ситуација предизвика широка дебата во општата, но и во стручна јавност во државава, во која преовлада мислењето дека одлуката на Пауновски е принципиелна и ја отсликува реалната состојба во институцијата која ја раководи и дека истата не е донесена од каприц или со цел да и се наштети на владата.

Пауновски и Шекеринска се долгогодишни членови и носители на партиски и државни функции уште од времето кога со партијата раководеше Бранко Црвенковски и кога во СДСМ на поинакви основи се градеше и креираше политиката на партијата и државата, па поради тоа и не е за чудење што овие двајца ја искористија приликата да го искажат своето несогласување со дел од политиката која, во СДСМ и во државата, ја води Заев со своите најблиски соработници.

Можеби токму компромитацијата на еден од нив била и капката што ја прелила чашата на толеранција на старите партиски кадри и ги испровоцирала овие нивни одлуки. Па така, ако Шекеринска и Пауновски се олицетворение на старите сдсмовски кадри, така, Драги Рашковски е репрезент на лицата од доверба, кои се најдоа во најблиското окружување на премиерот во поново време. Тој толку ја уживаше довербата на Заев, што само за него специјално се изврши промена на организационата структура на кабинетот на премиерот за да се креира позицијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на владата и на стратешки проекти во канцеларијата на претседателот на владата, функција која Рашковски ја извршуваше речиси до самиот момент на неговото апсење.

Заев, во секој случај, има право сам да ги бира луѓето кои ќе бидат дел од неговиот тим. Тој тоа свое право го заслужи ставајќи се на првата истурена линија на огнот во времето кога ретко кој имаше храброст да му се спротивстави на двоецот Груевски-Мијалков. Неговиот голем кредит кај граѓаните, но и кај претставниците на меѓународната заедница пополека се троши токму како резултат на водењето на лоша кадровска политика и ставањето на раководни позиции на лица кои не се соодветни да заземаат такви одговорни позиции, а некои, видовме, се и длабоко корумпирани.

Општ е впечатокот во јавноста дека институциите не работат добро и дека тоа, пред се, е резултат на недоволната стручност на раководителите на тие институции и немањето храброст да се застане на чело и да се раководи, а не да се седи во канцеларија, да се уживаат привилегиите и да се остави стихијата да ги носи работите. И токму тие околу премиерот, кои тој до последен момент ги брани и ги поддржува се оние што како камења му се врзани околу нозете и го влечат надолу и не му дозволуваат да оди напред.

Изгледа како Заев да не го научил едно од основните правила на доброто раководење, а тоа е на раководни места да се постават стручни, компетентни и храбри кадри кои ќе раководат со институциите, а работата на премиерот ќе биде само нивна координација и контрола, а не гаснење „пожари“ што ќе настанат како резултат на лошото работење и раководење на премиерот со сите тие институции наместо нивните номинални раководители.

Дамката на Заев

До крајот на својот мандат Заев има време да направи маневар и да се обиде да ја поврати веќе нагризената доверба кај електоратот. Доколку не го направи тоа, ќе биде виновен за нешто многу посериозно од водењето лоша кадровска политика. Имено, духовите на повампирениот груевизам сè повеќе се надвиснуваат над Македонија. Минатонеделниот протест организиран од страна на ВМРО-ДПМНЕ е само потсетник на тоа дека методите на Груевски и неговата банда не само што не се напуштени и осудени, туку напротив, насилството и вандализмот се величаат и поддржуваат.

Грујобранителите на 27 април 2017 година со оружје во рака извршија напад на Собранието со цел да предизвикаат граѓанска војна. И само јасната и недвосмислена порака на американската администрација дека нападот на Собранието е напад на американските национални интереси (а сите добро знаеме како се бранат американските национални интереси) ја спречи ескалацијата на насилството и можните човечки жртви.

Враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт (без притоа јасно да се огради и да се дистанцира од насилството во парламентот од пред четири години), како резултат на лошото владеење на СДСМ, ќе биде дамката што Заев ќе треба да ја носи до крајот на својот живот, како неуспех да се искористи историската шанса Македонија да стане нормална демократска држава.

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот