Принцот Хари, првиот член на кралското семејство што ќе сведочи по 130 години, не се појави на суд

Фото: Instagram/ sussexroyal

Принцот Хари денеска не се појави пред Високиот суд во Лондон, на сведочењето за судскиот процес против британскиот таблоид и издавач „Мирор“,  пренесува „Асошиејтед прес“.

Имено, судијата побарал од принцот Хари да биде присутен на првиот ден од неговиот случај, по што неговото отсуство непријатно го изненадило. Адвокатот кој ги застапува „Мирор Груп Њуспејпр“, Ендрју Грин, изјавил дека е „длабоко вознемирен“ поради отсуството на Хари.

Претходно, медиумите објавија дека принцот Хари ќе биде првиот член на британското кралско семејство кој ќе сведочи на суд, по цели 130 години.

Тој треба да сведочи во судскиот процес каде тврди дека „Дејли Мирор“ незаконски собирал информации за него, неговиот брат принцот Вилијам, нивната мајка принцезата Дијана и нивниот татко кралот Чарлс. Пред судот ќе треба да зборува за неговиот живот и љубовните врски пред венчавката со Меган Маркл.

Адвокатот Дејвид Шерборн, извести дека војводата од Сасекс не е достапен да сведочи, бидејќи патувал од Лос Анџелес, по роденденот на неговата 2-годишна ќерка Лилибет.

Инаку, принцот Хари тврди дека активностите на репортерот на „Дејли Мирор“ го натерале да доживее тешки напади на депресија и параноја што довеле до прекин на неговата љубовна врска со Челси Дејви и дека наводниот упад на новинарот во нивниот дом ја навела Челси да одлучи дека кралскиот живот не е за неа.

Исто така, тој ги обвинува папараците за сообраќајната несреќа во која загина неговата мајка, принцезата Дијана. А, вознемирувањето и упадот од британскиот медиум, вклучувајќи наводни расистички написи, го натерале со неговата сопруга Меган да заминат во САД во 2020 година и да го напуштат кралското семејство.

Случајот е еден од шесте што принцот Хари ги покрена против медиумите и владата во Велика Британија. Во друга тужба, тој го тужеше „Дејли Мејл“, тврдејќи дека бил жртва на хакирање на говорна пошта и предмет на приватни истражители, и дека околу 140 написи објавени помеѓу 1996 и 2010 година содржат информации собрани со нелегални методи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот